5 ноември 1968- Во МНТ била одржана премиерата на операта “Цар Самуил“ од Кирил Македонски

87

5 ноември 1968- Во МНТ била одржана премиерата на операта “Цар Самуил“ од Кирил Македонски.

Кирил Македонски (Битола19 јануари 1925 – Скопје2 јуни 1984) — македонски композитор, автор на првата македонска национална опера „Гоце“, која својата премиера ја доживеала во Скопје, во 1954 година. Покрај камерни творби, тој пишувал музика и за радиодрами и за театарски пиеси, потоа за краткометражни филмови, како и за играниот филм „Македонска крвава свадба“. Се категоризира во втората генерација македонски повоени композитори.

Операта „Цар Самуил“ е најзрелото дело на Кирил Македонски. Компонирана е во период од неполни четири години, од 1962 до 1966 година врз сопствено либрето. Идејата на оваа тема долго време е присутна кај него и Кирил Македонски во едно интервју ја објаснува вака: „Запознавајќи се со нашата национална историја бев потресен од големината на Самуиловата трагедија. 14000 војници ослепени! Каков ужас!“[1]

Во операта се прикажуваат последните години од владеењето на Цар Самуил и неговата смрт, односно крајот на X и почетокот на XI век. Дејствието го опишува судирот на царевите Самуил и Василиј II, а кулминира со трагичниот настан: ослепувањето на војската на Самуил и неговата смрт.[1]

Со оваа опера, на 18 февруари 1966 година, Кирил Македонски магистрира на Музичката академија во Љубљана, а комисијата составена од шест угледни професори му дава највисока оценка (10), по што тој се здобил со тогаш највисокото звање – специјалист по композиција.[2] По ова Кирил Македонски упатил барање до Уметничкиот совет на операта во Скопје да го стават ова дело на репертоарот; но под изговор дека „делото содржи сериозни недостатоци“ ова барање е одбиено.[2] Разочаран од сето ова Кирил Македонски бара операта да биде преоценета од реномираните музичари Луцијан Марија Шкерјанц (негов професор и ментор од Љубљана) и Ловро Матачиќ (голем пријател на Скопската опера и најзаслужен за нејзиниот подем).[3] Откако операта повторно ќе биде високо оценета, композирот на нотар заверените оценки ги носи во Советот на операта. Под влијание на сите овие настани Уметничкиот совет на операта на 26 јуни 1967, во проширен состав и со присуство на авторот дава одобрение за изведба на операта.[4]

Премиерата на операта „Цар Самуил“ била на 5 ноември 1968 година на сцената на Скопската опера во Скопје. Операта предизвикала исклучително внимание кај љубителите на оперската уметност во Скопје. Билетите биле распродадени неколку дена пред самата премиера, и затоа реприза била закажана три дена подоцна. Диригент на премиерата бил Фимчо Муратовски; а режисер Данчо Митровски.

По премиерата во Скопје, операта станала дел од редовниот репертоар. Таа е единствена македонска опера која доживеала две обнови (во 1990 и 2001) и е опера со најмногу изведби во странство.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.