Ако пари немаме, љубов си имаме …и само здравје !

17

Мислам дека нема човек роден после Војната, онаа Втората Светска а да не ги чул овие зборови од своите родители, баби, дедовци па и да не ги кажал на своите деца и внуци. Барем тука на Балканов!

Времињата се менуваат со светолосна брзина. Нешто што ни се чинеше невозможно (impossible), што би рекле младиве, кои се повеќе го употребуваат англискиот јазик во нивната комуникација наместо мајчиниот македонски, ни стана реалност од пред две години, реалност која трае и трае и трае. Послушно носиме маски, покажуваме дури со восклик Сертификати, со “Вакциниран/а сум’, не се гушкаме, не се поздравуваме, не се дружиме, не славиме (додуше малку ќе се подопуштиме) и оп некој си кластер ќе се појави. Или некое ново име од Ковид мутациите.

И работите се менуваат. Љубовта добива нови димензии, се повеќе приврзаници на онаа “безграничната по род па дури и години“, младите се повеќе се соочуваат со предизвици  во промената на нивниот minset, што би рекле се поборојните coach тренери, кои ги насочуваат луѓето како да се снајдат во оваа вртоглава промена на живеачкава.

И ајде да се вратиме на она Ако пари немаме, љубов имаме… и само здравје!

Сега се почесто се прашувам себе си во заокружена шеста деценија од животот, важи ли уште ова? Љубов без пари или пак пари без љубoв, подобро e нели? Или пак  “Многу пари да имаме, здравје ….и само љубов?” Не,не и така ..Ајде вака да пробаме “Здравје и пари или и љубов….дека е најважна.

Збунети мисли и емоции!

А во реалноста, секој ден се повеќе заболени од варијантите на Ковид 19, постепено исклучување на струјата, почнаа од автопатите, па од утрово си замислувам ако после 16 часот се враќам на пример од Тетово, во која изгубена земја ќе се најдам? БЕГ до вечер ќе го исклучи парното и ќе ја изгуби (дали ли, лиценцата ) а државата ветува ли ветува  “Нема граѓаните да ги остави да смрзнуваат “, аптеките имаат проблем со Фондот во интернет конекцијата, па многумина останаа без месечна терапија, власта со старата нивна погубна политика продолжува со една промени, ги смени актери во главните улоги а народот по она старото “Трпение, спасение“ некако турка ден за ден и чека. Чека подобро утре, па нели сме ние добар народ кој е научен да чека.

И додека сите со нетрпение чекаме како ќе заврши нечовечната депортација на Новак Ѓоковиќ, задоволни од вчерашната игра на нашите ракометари во исчекување на следниот натпревар, денов си го исполнивме со размена на информации за тоа: Кому падна паричето, овој пат во пита.

Е па, ај нека е за многу години и св. Василија нека ни е на помош.

М-р Татјана Гогоска

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.