Колумна – “Богат маж”

144

Махинално, додека нешто работев во кујна, на ТВ слушнав најава на некој филм во која се велеше “…приказна за скромната девојка која на крај запознава богат маж”. Според најавите, ова би требало да нѐ омекне и да нѝ прозвучи како хепиенд на некоја “тажна женска приказна” на скромната девојка (што и да значи тоа: скромна) која, за својата скромност како награда добива богат маж. Без да знаеме дали е тој е нејзин вистински избор, дали е добар, паметен, нејзин тип, нејзина љубов, нејзина радост, среќа голема … Богат е, тој!

Хм! Не знаев дека скромноста бара богатство (како награда) и се запрашав “што ако скромната жена избереше маж кој не е богат, нејзината скромност немаше да биде исплатлива?” … Мене лично многу ме навредува ваков аспект на гледање на жената, особено во филмови и уметнички дела.
Вредноста на жената, чинам секоја го знае тоа, не е во “богат маж”, жената, истата таа која го донесува на овој убав бел свет целото човештво. И кој вели дека жената треба да биде скромна, подведена, подредена некому, а не горда, важна, прчла, со крената глава, дотерана, нашминкана, пркосна, своја, со високи или скромни примања, без примања, ненашминкана, со искината ташна, со повеќе килограми или преслаба, од село, од град, образована, необразована, со богат маж, со маж или без маж… Жената мајка, тетка, сестра, или жената која не е мајка, жената која се грижи за сите. А притоа е подеднакво вредна? Нека крене два прста, ако некој така мисли.

Можеби сѐ уште нема такви филмови и такви кампањи, но еве нѐ тука сме да сугерираме како сакаме уметноста да нѐ портретира нас, жените.

Во таа смисла неколку пати одушевено се произнесов и пак ќе кажам филмот на Теона Стругар Митевска, “Господ постои, нејзиното име е Петрунија” ми беше полн погодок, за вредноста на една жена… За разлика од филмот “Убава жена” која го натера светот да помисли дека целта е постигната кога продавачка на своето тело, на своето работно место, запознава и се мажи за брокер. Најголемото потценување за една жена (и за сите), да се стави во позиција дека успеала само ако се омажила за богат маж. Тоа е еднострано и тесно гледање на нештата. Кое потоа од филм и бајки се пресликува и во реалниот живот.

Додуша и кај нас тоа сѐ уште е така. Погледнете и ќе забележите дека големото мноштво жени, најголемиот дел кои се на позиции се или добро омажени или интимно блиски со некој моќник, и истите тие се избирани за роулмодели, жени на годината, на деценијата, успешни, важни итн. Сето тоа поради пропаганда и кампања на времето во кое живееме.
Не! Одговор на ова прашање е дека жената не смее да биде скромна и со очекувања за богат маж. Треба да има вредност. Исто и како мажот и таа има право да биде слободна, горда, да одбере да биде со кого сака (доколку сака), да се напие, да затанцува, да оди на нудистичка плажа, да биде осамена, да планинари, да се фотографира по нејзина волја, да црта, да шета, да се смее гласно, најгласно што може… Да прави што сака.
Но не смее да ги руши убавите нешта на другите, да ја изневерува етиката, да го прекршува законот и да наштетува свесно и намерно на други жени.
Во рамките на овие редови ми дојде на ум да раскажам за едно мое искуство, кое не ми е нималку пријатно кога ќе се сетам. Со поттикнувачки говор на омраза на една жена се поттикнуваат негативни емоции, лично знам дека сум била цел на такви, но себе си ќе се прескокнам, и ќе го раскажам примерот за една порцеланска водителка со руси коси, најубавата и најнежна на ТВ екраните, некогаш, а убедливо со најубав радиофоничен глас и акцент. Лик за на екран.
Стана жртва од омраза поради љубомората на една друга жена (исто вклучена во медиумите), чиј карактер е доста деструктивен, која сметаше дека убавата водителка послужила како инспирација за една од најубавите песни на нејзиниот сопруг, па со говор на омраза ги тераше сите да ја мразат, да ѝ наштетат на кариерата, тоа го почувствував на своја кожа. Сведок е лице кое се затекнало случајно до водителката кога еден ден го натерала својот сопруг да ѝ се обрати на водителката, а тој тоа го направил во самоодбрана од лудоста на својата сопруга, ѝ поѕвонил на мобилен на водителката и ѝ се обратил со најпогрдни и недолични зборови, на кои таа останала подзината и без одговор, неупатена што точно се случува.

Оваа вистинска случка и ден денес се раскажува во музички кругови, а можеби еден ден ќе стане и јавен пример, доколку водителката јавно проговори, а дека лошите зборови се и лоши дела, и најомилената личност може да ти ја претворат во најомрзната, без основа. Знам по себе, ми го сруши засекогаш митот за некогаш омилената водителка, и од денешна дистанца, дистанца имам само кон жената која се нафрли врз неа со своите методи, а преубавата (спорна) песна за кого и да е напишана, веќе не ми буди убави сеќавања…

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка и новинар на КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.