Корона и култура – Одложена култура

648

Септември одминува, а ако по нешто ќе биде одбележан овој септември е рекордниот број на одржани културни манифестации, настани и фестивали во Македонија. Филмски проекции, изложби, литературни, драмски фестивали, да не може човек да ги избори сите а камоли да ги проследи макар и медиумски.

Се е култура овој септември, а короната тука некаде опоменува и се заканува. Па затоа сите во паника, „Да ги одржиме манифестациите, финансирани ни се од Министерство или од Град, мораме да ги оправдаме средствата а мора и нешто фелата од областа на културата и естрадата  да заработи “.

И затоа сите  како во некој Орвеловски филм, во исчекување во некој си втор или трет бран на опасноста во минијатурна форма но многу разорна, удрија на култура. На многумина им здодеа повеќе од пола година седење дома, социјалните контакти сведени на минимум, култура ни за лек, дружба – па што беше тоа и затоа културните настани во Скопје па и оние во Битола, Струмица, Штип, Охрид и други градови, преполни. Волја на вистината сите со почитување на Ковид протоколот, задолжителни маски, социјална дистанца и без поздравување, освен по некоја тупаница или лактање или пак едноставно кревање рака од далечина.

Е, тука има нешто под маските, за жал не оние од Баловите и Маскембалите, туку медицински заштитини, многумина и не се препознаваат. Тоа е добро за некои прилики кога некого и не сакаш да го познаеш и обратно, но е во суштина многу тажно. Луѓето добија ист израз на лицето. Жените не мора да носат кармин и шминка, не се гледа. Под заштитниот вел “маска“ сите стануваме исти-недефинирани. Додуша можеби само очите не издаваат или пак погледот, кој секој од нас го носи во себе покажувајќи ја својата душа.Но, воглавно имаме едноличие и во публиката па веќе почна да се практикува и на сцената и тоа во сите форми, од драмска, балетска и музичка.

И би пишувала уште многу за културата и короната во нашето поднебје, за новата обезличена реалност, за децата и нивното растење на “нов“ начин. Но, велат човекот е најприлагодливото суштество на светот. Само оние што ќе се прилагодат ќе успеат да се вклопат во новото, неочекувано дојдено и непосакувано!

Останува на секој тука под маската да си го изгради својот лик за да  не остане само еден во морето  обезличени индивидуи. А културата, да го почекаме октомври и да видиме што ќе ни донесе.

М-р Татјана Гогоска

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.