Групи грл, познат ли ви е како термин? Ако не ви е, веднаш ќе ви кажам дека е нешто кое звучи славно, а сепак завршува неславно.
Но ова е строго женски муабет и најдобро е да си го кажеме на увце меѓу нас, ние жените.
По дефиниција: “Групи е обожавателка на одредена музичка група, која го следи бендот наоколу додека се на турнеја или кој присуствува на што е можно повеќе нивни јавни настапи, со надеж дека ќе ги запознае. Терминот најчесто се користи за опишување млади жени, а понекогаш и мажи, кои ги следат овие личности со цел да стекнат сопствена слава или да помогнат во работата зад сцената или да иницираат некаков вид, интимна или друга врска. Терминот исто така се користи за да се опишат слично ентузијастички обожаватели на спортисти, писатели и други јавни личности”.
Теоретски добро звучи, малку е поинаку во пракса.
Ајде, отворено ќе се навратам во времето кога во поранешна Југославија имаше навистина големи пејачки и музички ѕвезди и тие го поттикнуваа овој тренд, со својата појава и слободен живот. По теркот на светските ѕвезди.
Умееја, со убавината и популарноста, но и со фраерлукот во голема доза, да ја привлечат секоја девојка околу себе, а оние кои најлесно им се препуштаа и да ги имаат за ноќ или две.
И сѐ би било апсолутно романтично, сѐ додека и по неколку децении од нивната слава не се чувствуваат последиците од таквото цунами во нечиј (женски) живот.
За оние кои никогаш немале директен допир со естрада, мислам со вистинска естрада, познато е начелно фактот дека тие личности не можат да формираат стабилни бракови, од причина што често се на патувања, многу луѓе минуваат низ нивниот живот, имаат многу падови, депресии, кревања, еуфории, пороци, и се разбира набилдано его, поради светот во кој живеат. Тие всушност живеат во некоја поинаква брзина од “обичниот човек”.
И тешко е да се биде во брак со ѕвезда, но многу од нивните големи љубови, со кои најчесто се од училишните клупи, остануваат со нив долго, а на повеќето не можејќи да го издржат притисокот на јавноста, им пукаат браковите.
Но, тешко се долгите патеки на љубовта на ѕвездите, тешки се и пократките кои исто така стануваат долги.
Секоја љубовна врска остава трага кај секој човек, но исто така и популарно наречените one night stand. Интимна средба за една вечер. Најчесто непланирана и случајна. И мислиш сѐ почнува и завршува во таа ноќ, дека тоа е игра, подоцна сфаќаш дека тоа го станало и судбина од која не можеш ни самата да избегаш.
Многу ѕвезди и ден денес имаат обожавателки кои во младоста биле вљубени во нив, имале средба од близок вид, и останале цел живот со трага во себе си. Додека можеби ѕвездата таа ноќ без стеснување ја раскажува како пикантерија, кај девојката можеби е кнедла во грло, и молк, и радосна тема за разговор само пред другарки. И комплекс кој ја измачува.
Некои после тоа се вратиле во нормала, а повеќето не успеале да останат стабилни во љубовта- тешко е онаа илузија што си ја создал за една ѕвезда како за идеален маж кој си го освоила, си го имала и високо ти ги кренал критериумите за момче, одеднаш да го замениш со некој “обичен”, помалку славен и помалку шармантен.
Оние најзаљубените групигрл остануваат сингл, или влегуваат во брак кој најчесто е исполнет со меланхолија и носталгија, од кој може нешто да земе и во кој постојано ќе гледа ако може да се лансира себе си како ѕвезда, за да ја надополни празнината што ѝ ја оставил ѕвездата со своето заминување или немањето интерес за неа повеќе од таа една ноќ.
Ова ми го има признато новинарка, самата таа, која едвај чека да се најде насамо со некои свои колешки и со голема страст и љубов и искри во очите да раскажува и се присетува на својот рокер од младоста, додека самата вели за сопругот навечер става марама на глава и се преправа дека ја боли главата и легнува и брзо заспива, на својата страна од креветот.
Таа љубовна ненадминатост, ја тера да работи во медиум и да се здобива со популарност, а во негова чест понекогаш и ден денес носи кожни црни панталони, со цел да му даде знак дека сѐ уште во мислите му припаѓа нему и на “нивното време”, од една ноќ.
Не е прифатена од семејството на сопругот можеби и поради таквото минато, а се обидува освен неа и членови од семејството да ги вклучи во светот на музиката, каде уште од младоста останало нејзиното срце, каде ја доживеала импресивната на својот живот. Сѐ во знакот на таа љубов.
Досега три новинарки кои во минатото биле групигрл отворено ми зборувале за своите искуства и за осаменоста која ја врват потоа.
Нивната желба да бидат повторно со “ѕвезден маж” го одредува нивното секојдневие и професија. Но, има и такви кои во име на тоа свое минато остануваат со тинејџерски дух и однесување и во позрелите години, а тоа што им се случило во младоста сега го надополнуваат со случајни врски и со други музичари.
Една поранешна новинарка- водителка, пак на своите пријатели им раскажала поинакво искуство. Откако стапила во брак со рокерот кој ѝ се допаѓал и сфатила дека само нејзината илузија била тоа што ја привлекло, а не вистинскиот тој, се развела на скандалозен начин, што уште се раскажува дека меѓусебе се нападнале и во центарот за социјални грижи, кога законски биле на советување. Затоа што во бракот имаат и деца.
Неуспешна групигрл од младоста, кога преку својата новинарска професија допрела до рокер, инаку сопруг на нејзина колешка, по неколку години таинствена врска успеала да ѝ го преземе и да се омажи за него, но по десеттина години брак и самата призна дека тој брак добро е што доживеал развод затоа што не било она што таа некогаш си го имала замислено.
Затоа, треба да се пристапува внимателно и да се разграничи што е реална слика. И ѕвездите се луѓе со свои слабости а не суперхерои.
Љубовта е слатка и никој не би ја одбил, но некогаш треба со време да се размисли и за последиците кои таа може да го донесе. Можеби некоја групигрл ќе се одважи некогаш да напише и книга за тој феномен, добивката и загубата од таквиот “спој”.
А српскиот рокер а некогаш и срцекршач Кики Лесендриќ со своите “Пилоти” има убава песна која потсетува на минатото и “врелиот допир на нашата младост”… Таа можеби и ќе нѐ потсети на тоа…
Валентина Ѓоргиевска Парго,
уредничка во КулАрт