ОД МОЈ АГОЛ: Волшебниот гитарист Ибрахими!

74

Гитаристот Мухамед Ибрахими два пати во текот на оваа година одржа концерти на истото место, во камерната сала на Филхармонија!
Настрана тоа што по самиот концерт немаше кој не излезе замелушен и со сјај во очите, еве неколку дена потоа, од 6 ноември до денес 10 ноември, сѐ уште ми пишуваат луѓе од разни профили кои ги виделе моите фотографии на Фејсбук, а и оние кои биле на самиот концерт.
Познато ви е името или не сте го слушнале? Како и да е, прво што треба да се каже дека за оваа година тој е едно такво откритие во кое веќе нема сомневање дека станува збор за нов музички феномен, каков што одамна не се појавил на нашата сцена и на овие простори. Брилијантен музичар!
Непознат, но сега сите се прашуваат ” Кој е овој човек?”.
Прво, збунува фактор што има два авторски албуми, а досега малкумина слушнале за него, Fly (2014 година) и Devotion ( 2019 година), а и тие што го знаат, го знаат од учеството во култната група “Бла бла бла” од македонската андерграунд сцена.
Ибрахими е толку скромен по карактер а толку маестрален како гитарист на сцена, што е неспојливо едното со другото. Замислете и тоа самоук гитарист, но со техника кога без здив ги остава и “обичните слушатели” и музички наједуцираните претставници во публика, како овој пат што неколку музичари и виолинистки одушевени рекоа “ова е просто неверојатно!”.
Публиката и не сакаше да си оди, го чекаше во холот. Муабетеше меѓу себе. Она што по вакви(ретки) концерти е знак на препознавање е тоа што публиката е горда, сите со кренати глави, бидејќи го понеле чувството на ексклузивност и потоа во холот секој секого поздравува со почит и љубезност, исто како да се знаете се однесувате меѓу себе како да сте другари.
-Концертот фантастичен, нели?
-Па да, јас сум вознесен.
-Се надевам наскоро ќе прави повторно и ќе му дојдеме секако.
– Се надевам и јас, се гледаме!, е редовен разговор “од нога” на двајца дотогаш непознати посетители, кои музиката веќе ги споила со мера да се однесуваат меѓу себе како да пораснале заедно.
Да, тоа се тие муабети на расположени луѓе.
Овој пат Ибрахими како специјални гости ги имаше пејачката Агни Авшар со неколку изведби, инструменталистите Ратко Даутовски и Бобан Мирковски. Концертот беше во организација на “Баги комуникации”, една сериозна продукција која кога вади на виделина музичари (и албуми) тоа организационо е сработено максимално професионално, без никакви трикови, наметнување и лажливи реклами и пропаганди.
А нивниот скриен, односно сега веќе откриен гитарски бисер, кој развалува со својата гитара (мандолина, саз итн.) доволно е да излезе еднаш на некоја сцена надвор и веднаш да ја добие етикета “распродаден”. Би било супер кул.
Е, има нешто и над тоа. Иако моите забелешки многу често одат на сметка на приватните продукции заради бројните малверзации, перења пари, нечесни игри, нелојална конкурентност, местенки, и велам не треба ни да ги има, туку културата да ја водат само државни културни институции, во вакви случаи и тоа како се неопходни кога ќе пронајдат и земат под своја закрила некој ултра талентиран. Ама тоа не смее да запре само тука. Освен комерцијалниот ефект, државата и министерството за култура мора да најдат начин ваквите профили на уметници да ги заштитат и како свои национални богатства. Да ѝм го даде тој предзнаак што е можно побрзо. Зашто и тие самите би имале има корист од тоа.
Музиката на Ибрахими е доволно силна да пробие било каде, тоа се универзални ритми кои лесно освојуваат, авторски мошне инспиративна и неконвенционална, со примеси на џез, латино, етно, блуз, рок , амбиентални елементи, балканскиот фолклор…
А во предвид треба да се земе и она што го забележа и искоментира професорка по психологија, честа посетителка на културни настани во друштво на својата млада ќерка.
– Ајде што свири како што свири, но како добро изгледа и ја краси сцената со својата фигура и со културата која извира од него како лик и персона, и за око и за уво. Светски. А тоа на сцена лесно се препознава ..
Аплаузи за Ибрахими и резервирајте си место што побрзо, да му одите на концерт, ќе ве исполни со толку убавина што и не морате да одите по втор пат, ќе ве држи долго, доста долго…и ќе ви развлекува насмевка на лицето.
Тој- Волшебниот гитарист од Скопје.

Валентина Ѓоргиевска Парго,
новинар и уредник на “КулАрт”

Exif_JPEG_420
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.