ОД МОЈ АГОЛ: Воздишки за Благој Нацоски!

71

Благој Нацоски во МОБ, некако ненаметливо беше најавена оваа средба, но до оние до кои допре информацијата, поитаа. Беше голема поканувачка провокација, доколку сакате да посегнете по елеганцијата на еден гранде уметник, што блеска на уметничкиот врв.
И!
Се случи концертот на нашата музичка ѕвезда од големите европски оперски сцени. Во една реченица кажано: Чинам беше најсофистицираниот музичко- сценски настан на кој сум присуствувала кај нас, а трепетите кои ги доживеав на концертот еве траат и 24 часа потоа. Вознемирувачко убави!
Реакцијата воопшто не беше случајна ни (само моја) индивидуална, така реагираше аудиториумот во целата полна сала, речиси два часа воздивнуваше од убавините, и од нотите кои од момент во момент сѐ поцврсто плетеа невидлива мрежа во која се заплетлуваа, до степен да нема отплеткување.


Фото: Богдан Глишиќ

Уметникот кој живее во Рим стапна на сцената на МОБ за да оствари еден свој сон, изведен заедно со одбрани уметници, овој пат со славенички повод- “Вечер со Благој Нацоски: првите 20 години”. Но никако класична ноќ, тој и своите избраници претставија целосен уметнички перформанс во кој домаќинот, добропознатиот Огнен Јанески, го дочека во витешки стил, ко неговиот неповторлив вујко Марин Бабиќ (во “Бебули”), каде уште веднаш на стилизираните фотелји го седна спроти себе уметникот и го опсипа прашања. А потоа и при секоја пауза тие си зборуваат најспонтано и најпријателски, а ние дознаваме за неверојатните професионални авантури на доброто момче од Скопје кое уште на свои 19 години изведувајќи оперета на музички натпревар во Битола, бил пикиран од музичка двојка од Рим, кои како ментори уште веднаш го вовеле во европската приказна.
Одличната Наде Талевска- сопран и откритието на ноќта Васко Здравков- баритон, го дружеа славеникот во пеењето, додека Јанинка Невчева со својата пијано придружба, дополнително му даваше душа на овој фантастичен концерт.
Да се прераскажува просто е невозможно она што Благој Нацоски нам нѝ го раскажа, ќе го гледаме на ТВ 24. За своите доживувања во Рим и Германија, каде е веќе одомаќинет и каде добил низа ловорики на својата глава, во овие први 20 години досега…
Пееше сам, па седнуваше на “жешката” романтична фотелја, па пееше во друштво, па неговите гости пееја сами, па пак сите заедно. Многу комбинации се случија, која од која поубава, во изведбите на “Е Caro Mio Ben”, “Le reve du Des Grieux”, “Largo Al factotum”…
Како завршница на концертот, одржан на 4 февруари, на денот кој за македонската нација значи безрезервно славење на роденденот на својот национален патрон Гоце Делчев, се случи споделувањето на она големо парче космополитизам, за која се залагал и идеологот. Нешто за што Нацоски горделиво рече дека е препознатлива одлика на неговиот народ и затоа Тој заедно со сите свои учесници сподели сплет од неколку значајни песни од домашната ризница: “Јовано Јованке”, “Калеш Анѓо” и Болен ми лежи Миле Поп Јорданов”.
Брависимо!
За “довидување” водителот побара од нашиот блескав славеник да одржи кратка музичка работилница во која ќе ја обучи публиката како да ја пее. И тоа се случи многу лесно, станатата простум публика, во еден глас го испеа рефренот “Миле Поп Јорданов за народ загина, за народ загина за Ма-ке-до-ни-ја”.
Неизбежно беше за оние кои беа восхитени да отидат и зад сцена за да ги поздрават уметниците, да ѝм изразат честитки и да се фотографираат пред блескавите блицеви, овој пат засенети од природниот сјај на уметниците, посебно од сјаењето на Нацоски. Сјај кој извира од чистотата на духот, себепочитувањето, од грандиозниот талент, целокупната своја оствареност на уметник чиј глас допрел до речиси невозможни далечини, а чија топлина најсилна останала токму на родното огниште.
Меѓу нив бев и јас, и тоа прва, не чекав, секако и големата дива Милка Ефтимова, професорки, познати личности, директорот на МОБ Васо Ристов, како и режисерот на настанот Дејан Прошев…
По овој концерт за мене веќе не важи правило дека преферирам баритони, повеќе од сигурна сум дека за милиметар повеќе сакам нежни лирски тенор. Но, само како тој на маестро Нацоски. Токму таков и токму само таков.
А на читателите би ѝм препорачала – не дозволувајте да Ви (рас)кажуваат за Благој, првата прилика дозволете си да ја искористите шансата, затоа што откако ќе го слушнете едноставно ќе впловите во едно свое ново лично поглавје, кое потоа ќе сакате да го збогатувате само со совршени изведби и ништо помалку од тоа.
И сосема како П.С.: Концертот го доживеав со восхит, а уште повеќе го доживеав како обвиткан во онаа аура со која се слави и Валентајн, како ден на Љубовта… Зрачеше од убавина. Цел.

Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредник на “КулАрт”

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.