Културата и градот- Со Короната, марихуаната и маглата ќе ни исчезне ли културата ?

35

Губиме ли секојдневно, во секој поминат миг од најнемилосрдниот непријател на човекот – времето, кое вртоглаво заминува без можност да се врати и да ни даде шанса да корегираме макар и една грешка, губиме ли по еден дел од нас?

Времето, секојдневно ни дава нови предизвици или во речникот на младите „нови чeлинџи“, кои не ставаат пред рампата видлива или невидлива, која треба да ја прескокнеме. Ако се обидеме можеме да успееме или  да паднеме а ако не се обидеме еден е резултатот – ќе паднеме.

И затоа секојдневните предизвици, во светот веќе целосно изменет, кој не е ни малку налик на оној  што го живееја луѓето, барем во изминативе 100 години и за кои постојат живи паметници станаа секојдневие, обично секојдневие.

Имаме нов код на однесување, до пред шест месеци незамислен. Сите сме под маски, на оддалеченост дури и со најмилите и наблиските, затворени во својот свет и полека но сигурно отуѓени од се што значи суштина на духовниот живот, култура, забава, музика, галерии, кино сали, концерти -едноставно живот.

И се прашуваме зарем нема да има повторно редица пред кино салите, карта повеќе за премиерата на некоја претстава, концерти под отворено, седнати еден до друг, гушннати и распеани. Со страв ли ќе влегуваме во празните галерии, на промоции на литературни дела, со задолжителна маска и ќе се препознаваме само преку очите и гласот?

Дотолку се менува светот, што еве ако не ние во Европа, Европа ќе ја донесеме овде, но не преку позитивните вредности туку преку марихуаната. Така заради бизинисите на поединци ќе го развиваме туризмот во нашата земја. Па и не изгледа така смешно, тажна е веќе анегдотата што се шири како ќе изгледа лето 2021-во во Охрид. Место познатата „Требит кајче “, Охриѓани ќе прашвет “Требит џоинтче“ ? Можеби Охридското лето, врвна светска културна манифестација ќе остане во маглива сенка на туристите кои ќе дојдат како наезда заради квалитетната марихуана.

Но, летото 21-во е далеку. Од оваа маглива перспектива каде не можеме да го видиме Сонцето што изгрева и заоѓа, каде ни ги исекоа „Орелските крилја“ па место во висините, не ставија во магливата реалност, уплашени и кревки, го чекаме секој нов ден за да видиме каков предизвик ќе ни донесе.

М-р Татјана Гогоска

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.