“Охридско лето” со осмомартовски подарок- концерт на Трио „Џентлмен” во Света Софија

10

По повод 8 март, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето” ќе се одржи концерт на популарното Трио „Џентлмен”, музички состав од тројца професионални оперски пејачи, Дејан Стоев-тенор, Кристијан Антовски-баритон и Јане Дунимаглоски-тенор кои имаат посебна специфика во нивната изведба како модерна уметничко- сценска атракција.
Концертот, кој ќе се одржи на 7 март во црквата „Света Софија” во Охрид со почеток од 19 часот ќе биде посветен на припадничките на понежниот пол, велат организаторите.
„Она што претходно го најавивме, дека „Охридско лето” нема само да биде во рамките на 40 дена, сега го реализираме. По успешниот новогодишен концерт сега реализираме осмомартовски, како подарок за сите припаднички на понежниот пол. Сакаме врвната култура да живее преку цела година со што од една страна го афирмираме Фестивалот, а од друга страна и Охрид како град и државата во целина. Нудиме квалитет, а тоа го препознава нашата верна публика”, вели директорката на НУ „Охридско лето”, Наташа Поповиќ.
По урнекот на светските поп-класични состави, Трио „Џентлмен” се трудат тој жанр на пеење за прв пат да го презентираат и на нашите простори. На нивниот репертоар освен класичните композиции се наоѓаат и најголемите светски поп хитови изведени во поп-класичен манир, наполитански канцони, шпански песни и секако македонското творештво.
Трио „Џентлмен” има настапувано низ целата земја со свои целовечерни концерт, тие се дел и од големи манифестации во нашата држава, како и надвор од неа. Нивните настапи се познати по тоа што секогаш нудат нешто ново нешто не видено на нашите простори.
Тие се различни и по тоа што прават спој на операта, оперското пеење со различни жанрови како поп, латино, џез, рок композиции и сето тоа во еден нов и специфичен звук, тризвук интрепетиран од тројца оперски пејачи.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.