Колумна – Христо Петрески – КОЛОНИИ

36

Дека колонизмот е во подем, развој и експанзија и кај нас – сведочат се поголемиот број ликовни и книжевни колонии во речиси секој град, но и поголемо село и во нашава Република.

Рецептот е едноставен, прифатлив и применлив, а тоа е обезбедување сместување и храна, т.е. престој и за возврат добивање од едно до три, а понекогаш и некаде и повеќе ликовни дела.

Според вложените средства добивката и бенефитот е енормно поголем кога се во прашање истакнати ликовни творци и речиси никаков кога станува збор за почетници, анонимни автори и неизбежни колеги и пријатели.

Колонии организираат речиси сите: општини, домови на културата, здруженија, но и поединци. Создадените дела потоа најчесто шетаат и дефилираат на изложби, или љубоморно се чуваат во сопствените збирки, а многу поретко се организираат со нив продажни и хуманитарни акции и аукции.

Вакви или слични активности не се организираат само во летните месеци, туку и во текот на целата година, а тоа го прават и ликовни салони и книжарници. По секоја изложба најмалку по една слика, а понекогаш и повеќе – остануваат за сопствениците на изложбените простори и организаторите на изложбите.

Со уметнички слики се плаќаат и рецензентите и рецензиите, а се компензира и за печатењето на каталозите во печатниците. Додека пак, ликовните творци се согладуваат да сликаат за храна и престој и да изложуваат само поради каталозите и каква-таквата и колкаво-толкавата публика.

А, сето тиа доволно и јасно говори дека и ликовната уметност кај нас е падната на најниски гранки, односно дека има голем број творци и квантитет од новосоздадени слики, за кои не постои вистинска и реална заинтересираност ниту од поединците кои не носат веќе уметнички предмети и други подароци, туку исклучиво само пари на свадбите, а институциите, хотелите и рестораните веќе не издвојуваат средства за украсување на своите ѕидови, или тоа го прават многу ретко, инцидентно и кампањски и со анонимни творци и дела за најминимален дел од својот буџет.

Најбитната компонента на колониите е, се чини, размената на искуствата и дружењето, а се друго е неможно, недостижно и нереално. Па, кој вели дека и кај нас денес нема колонии и колонисти..?!

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.