Евровизија 2021 -Најголемата музичка европска магија со нови свежи музички ветрови

541

 

Пишува, Татјана Гогоска

Васил , својата „Here I Stand“ ја донесе на сцената во Ротердам, како целосна емотивна музичка приказна

Евровизиското годинешно издание (по пауза од една година), овој пат 65-то по ред, вчеравечер на првата полуфинална вечер покажа дека сеуште го оправдува статусот на најголема музичка европска магија. Се чини паузата од една година добро и дојде на ова неверојатно музичко шоу, затоа што на сцената во Ротердам вчеравечер се слушнаа многу нови музички ветрови кои ги разбрануваа вкусовите на бројната верна Евровизиска публика.

16-те композиции, убаво стокменото Евровизиско шоу на Холандската Телевизија која од сопствено искуство ( Детска Евровизија-Ротердам 2007,каде бев Шеф на делегација), која никогаш не пропушта ништо и што е најважно на учесниците им се дадени сите можности на сценографска, светлосна и видео креација за да може пеачот да ја донесе песната, посуптилно до милионската Евровизиска публика.

Оваа година, Македонија ја претставуваше Васил Гарванлиев, -кратко и официјално Васил, кој е познат на оние кои ги следат музичките настани кај нас, од оние за најмалите па до највозрасните. Неговата песна „Here I Stand“, чиј автор е самиот ,се чини според емоциите со кои ја донесе на сцената во Ротердам се негова животна приказна, која после заминувањето од Македонија пред три години го врати повторно да биде свој на своето.

Она што му претходеше на неговиот настап и заминување во Ротердам беа многу контраверзни изјави и од негова страна но и од страна на организаторот МРТ, како и различните толкувања на неговата етничка, сексуална и која и да е друга припадност. Затоа песната, која патем е одлична и неговиот моќен настап, останаа во позадина на домашната јавност. Малкумина зборуваа за песната и неговите пејачки способности додека во преден план беа сите неважни нешта за ова претставување. И како и обично се вмеша политиката, партиите, неупатените кои му создадоа негативен рејтинг.

Но, и покрај тоа Васил настапи вчеравечер одлично, полна емотивна музичка приказна која допре до многумина од Евровизиската публика.

Но, Васил за жал не влезе во финале од неколку причини. Да ги оставиме настрана зборовите “Се е политика, Европа не не сака“, зошто не велевме пред две години кога Тамара влезе во финале. Настапот на Васил заради неизработената целосна сценска приказна, не успеа да се наметне до гласачкото тело (жири и публика). Затоа што ако ги погледнете сите 10 песни што влегоа во финале,  сите имаа сценско-кореографска моќна приказна, која го надополнуваше и подигнуваше настапот на пеачот-ка и  песната. Васил беше сам на сцената со  светлосните ефекти кои не беа доволни а би рекла дури и многу скромни на сцената во Ротердам.

За другата причина сега не би зборувала, за неа сум зборувала многу пати но и покрај се, освен промената на Шефот на делегацијата во тимот на МРТ ништо ново во нивната работа и сработување на овој проект. Затоа што Евровизијата ќе повторам е проект кој треба да се „изработи, целосно и професионално“.

Така и оваа година без Македонија во финале, но со една убава доза на нов музички ветер на Евровизиската сцена !

Секако, четврток 20. мај, второ полуфинале и сабота 22-ри финална вечер, која по она вчера што го покажа првата полуфинална вечер, вреди да се погледа.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.