Колумна- Улиците во Скопје со сменети имиња а се останато исто

508

Денеска социјалните мрежи и медиумите се преплавени со најавата за предлогот на Град Скопје, на  дури 571 улици и плоштади во Скопје да им се сменат имињата и да добијат “подостојни“. Можеби некои да а можеби некои не, но впрочем тоа не е поентата на улиците во нашето Скопје, кои треба да прозвучат светски а се толку наши. И тоа наши во онаа најнегативната смисла на опстојувањето во нашиот сакан главен град.

„Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности од кои 79 се имиња на жени, додека пак останатите 92 имиња се имиња на поими кои означуваат поважни настани, топоними и други поими. Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на градот„-стои во соопштението.

И додека едни оние Дебармаалчани со восклик зборуваат „Ленинова се враќа“ наместо за многумина непознатото име Аминта Трети, други со возбуда зборуваат дека наеднаш нашите улици ќе станат „СВЕТСКИ“ затоа што некоја ќе се вика Дејвид Боуви некоја , Леб и Сол, некоја пак Марк Твен, па Идадија,Тафталиџанска и уште ред други.

Ќе добиеле имиња на наши врвни дејци како Петре М.Андреевски, Димитрије Османли или пак Рејнолд Вилијамс, замислете. И додека југоносталгичарите чекаат улица Југославија, оние од мнозинското малцинство  веднаш добија улица Албанија.

Е, а ние од оние 70-80-ти години се радуваме  дека некоја а можеби токму наша улица ќе се вика Лева патика или Мизар или ……и се така, дури 571 на број.

И овој пат градските власти за жал не се фатија за „коренот“ на улиците туку ги решаваат “гранките„. Оти и не е толку важно како ќе се викаат, ами најнапред требаше да се средат. Да се пополнат дупките, да се асфалтира калта, да се направат тротоари, да не се узурпираат истите, да се направат патеки за велосипеди и колички па и можност возрасните жители  на градот да прошетаат со бастумче а потоа да се сменат имињата т.е. да се дадат можеби посоодветни, на оние лица и настани кои заслужуваат еден вечен спомен во ова наше а веќе ничие Скопје.

Дали можеби градските власти мислат дека ако дадат на улиците толку звучни имиња ќе станеме светска метропола? Или град на културата на Европа? Далеку е таа реалност од онаа која ја живееме  ние.

Можеби некој од нив смета дека граѓаните ќе се почувствуваат повозвишено ако поминат по улицата Горан Стефановски а потоа скршнат по  улицата  Бис-Без , но не дај боже дождот само што престанал,  па наместо да се движат ќе треба да пропливаат затоа што одводната канлизациска мрежа на поголем дел од градот е некаде од после 1944 година, таа судбинска година од која за жал не признава поголемиот дел од Балканот па и Европа. За светот не зборуваме затоа што далеку сме од него.

И сега си мислам со овие нови имиња ќе добие ли Скопје нов лик, нов сјај, ново чувство?

Не сакајќи да навлегувам и да ги анализирам повеќето од предложените имиња, сметам дека Советот на Град Скопје и целата градска власт, требаше да го потроши времето на суштинските нешта за промена на животот во Скопје, а потоа кога ќе дојде на ред преименувањето на улиците сето тоа да има смисла.

Но, за жал СМИСЛАТА е далеку некаде оттука!

 

                                                                                        М-р Татјана Гогоска

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.