ОД МОЈ АГОЛ: На Евровизија секој пее за својата мака и ништо не е мамено!

108

Малме, 12 Мај 2024

Едно од најзбунувачките прашања кои годинава ги добив на Евровизија во Малме, од младиот експерт, за време на нашето получасовно интервјуа беше што мислам дали Евровизијата е за млади или за стари?
Во првата реченица самоуверено одговорив дека е за сите, бидејќи сите пораснале со својот (некогаш) најомилен фестивал. Но, веќе и самата се заплеткував и одговорот стана прилично растегнат и долг, како да барав и сакав аргумент повеќе дека сум во право, но нешто не одеше.
За млади е секако, а за стари е затоа што тие пораснале и старееле, слушајќи и уживајќи во евровизиските шлагери.
Но, работите се сменија, нови времиња нови правила и кога еден повозрасен човек би вклучил телевизор и би гледал без да знае што е тоа, нема ни да претпостави дека тоа денес е неговата стара добра Евровизија, би помислил научно фантастичен филм и можеби би го променил каналот. Би му дошло многу интензивен напад на сите негови сетила кој ќе му предизвика и нервоза, наместо некогашното уживање.
На младите не, тие пораснаа со компјутер, игрици, визуелни ефекти, Тик Ток, Снепчет, и ова е нешто како секојдневие.
Евровизија, некогаш беше класичен натпревар на песни на кој на микрофон застанува одреден изведувач, а зад него диригент диригира со оркестар во живо, во духот на тоа време. Победува оној кој ќе го избере стручно жири од националните телевизии, стручњаци со добар слух и уво кое фаќа сѐ.
Тогаш земјите мораа да се натпреваруваат кој ќе испрати најврвен пејач и со најврвна песна зашто само така можеа да се вивнат најгоре.
Сега не мора. Со тек на време тоа се смени е денес Евровизијата е адреналин и во тие неколку часа технички дава ефект поголем колку сите филмови што можеби на годишно ниво се снимаат во Холивуд. За илустрација, толку невозможни и неверојатни работи гледаме што дури годинава на сцена настапија дигиталните и млади АББА, како да беше сѐ тоа чиста реалност.
Ама сепак, Евровизија колку што е научно фантастичен во исто време толку е и реален филм, а младите се тие кои го движат фестивалот во некоја своја насока, затоа што во текот на цела година преку социјалните мрежи типуваат, гласаат, сакаат да ги видат своите фаворити и омилени пејачи на таа сцена. А повозрасните генерално фестивалот го следат во таа една само евровизиска ноќ и негодуваат, им е чуден и дури и не го бендисуваат.
Почнувајќи од облеката, стилот на однесување, скандалозноста, според нив наречениот невкус, одење кон амбис, декаденција, ширење на лоши пораки преку песните…
Ако рековме дека првата трансформација на Евровизиите беше техниката, втората облеката, третата е музиката.
На Евровизија веќе не се пее само за љубов (меѓу маж и жена) и разделби, се начнуваат разни теми- социјални, работнички, женски, човекови права, а бидејќи Европа живее во постојани војни и конфликти самите Евровизии во последно време се политички тензични. Секој како да сака да упати некоја своја порака. Да опише некоја своја мака. И збирот од сите тие различности го прави фестивалот малку повеќе интензивен и неприфатлив од секого.
Оваа година помина во знакот на конфликтот на Израел со Палестина и затоа голем дел од пејачите упатува пораки на свој начин, дури и самата Лорен неколку часа пред крај на шоуто рече дека иако има обврска како минатогодишната победничка да го додели трофејот, ако победи Израел нема да го врачи.
Таквите пораки најмногу ги подигнува страстите на гледачите и привлекуваат интерес. Бидејќи се засегнувачки.
Годинава револтот беше упатен кон Израел, имаше и закани кон делегацијата имаше и апсења за оние кои протестираа пред арената во Малме, а имаше и засилени безбедносни мерки поради можен терористички напад.
Пред неколку години тоа беше Русија, кога почна конфликт со Украина.
“Политичка конотација” односно актуелните теми на денешницата се дел и од текстовите – на пример израелската пејачка пееше за нападот на Хамас, украинското женско дуо пееше и ги молеше за помош Мајка Тереза и Дева Марија, а Швајцарецот Немо кој на крај победи и себе си се прогласува за небинарен пееше дека го згрешил патот и отишол до пеколот но на тој начин повторно го нашол Рајот.
Секој како да пее за својата мака.
Но, Евровизија како Евровизија е чиста како солза.
Сета таа облека, однесување, текстови пеење е само реалниот изглед на Европа денес, и ништо не е мамено ни измислено.
Слободата на сцена, што ја дава организаторот, само ја открива вистинската слика.
Правилата на ЕБУ се јасни и важат за сите, организацијата е беспрекорна, не се штедат пари ни труд за совршено шоу, а спонзорите се исти и тие не зависат од тоа кој ќе победи.
Со Евровизија добиваат сите- обичниот гледач вистинската слика, пејачите слобода да се произнесат по свое, продуцентите сѐ погледано шоу и оправдување на спонзорите.
Оти да би било класичното, којзнае дали и воопшто ќе биде и гледано а не камоли секоја година гледаноста да расте и расте.
Сиот тој збир само навидум дава некоја хаотичност, но сѐ си е на свое место.
Таа слика сепак не е од денеска. Само во налетот на новото време стана јасно видлива преку современите медиуми.
Облеката која ја гледаме таму, во текот на година ја гледаме и на разни други манифестации, приредби, маскенбали, карневали дури и во детски градинки за одредени празници како на пример Халовин и Први Април.
Голотијата што ја гледаме таму, ја гледаме и на фејсбук, по улици, на нудистички плажи, во реални шоуа, секојдневно на малите и големите екрани.
Знаците кои на сцена ги прикажуваат пејачите ги гледаме и на протести, по улици, на концерти.
Наративот на говор, застапен во песните, е исто така секојдневие.
Тоа е вистинската слика на Европа, прикажана во само неколку часа, зарем не?
Евровизија не врши влијание и не ја променува реалноста, реалноста врши влијание и ја променува Евровизијата.
Таа ги прикажува девијантните појави во некоја музичка форма. На пример хомосексуалноста на која најчесто се алудира како на проблем (тоа не го велам јас н.з.) не е од вчера, постои од кога постои човештвото, и тоа е голем телесен процес кај поединци кој не зависи од нечија песна, сатанизмот кој најчесто се користи како поим кај нас (на друго место и не го имам ни слушнато) постои од среден век, неморалот отсекогаш!
За пример: ни пречи што некоја претставничка ќе биде облечена во тој манир за да привлече внимание и повеќе поени, а да се потсетиме само колку наши евровизиски претставнички со својот животен стил секојдневно промовираат негативност, имале проблем со законот или биле во врски и директно поддржувале партнер кои имал проблем со законот и уништувале и човечки животи?
Безредието е веќе стил на живот а потоа Евровизија само го прикажува како слика во една ноќ.
Но, различностите и реалноста се тие, било да ја прифатиме ние или не а сепак останува барем да се соочиме со вистината дека Евровизија во 1955 година е формирана во Монако а година потоа одржана како фестивал во Швајцарија кој ќе ги спои завојуваните држави на Европа по Втората светска војна и да се одржи мирот, или како што порача и самиот победник Немо на крај:
„… се надевам дека овој натпревар ќе го исполни своето ветување и ќе се залага за достоинство и мир“, откако ја прими статуетката од ланската победничка Лорин.

Валентина Ѓоргиевска Парго
Независен новинар и уредник во КулАрт

Патувањето е овозможено од ТА. Џина Брага Сиднеј и медицински центар “Холиомедика”- Скопје

Медиумска соработка: Симе Георгиевски- Радио Преспа и Скидроу Сиднеј, Живко Поповски Цветин- Здружение “Гороцвет”, Татјана Гогоска- портал за култура “КулАрт”

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.