ОД МОЈ АГОЛ: Па, зар ние сме сатанисти?!

54

Деновиве, преку неговиот ФБ профил се запознавав со работата на еден вреден млад омилен градоначалник, од редовите на голема политичка партија со конзервативни ставови, и навистина се насмевнав кога на видео забележав на себе носи маичка со мртовечка глава, и тоа во ек на кампања и директен контакт со граѓаните, задоволни од неговата работа.

Првата помисла за маичката, која не верувам дека некому посебно му паднала во очи и се фатил за неа, ми беше: среќа што не ја забележале претставниците на медиумите и луѓето кои се параноични на такви симболи и знаци. Тоа веднаш би се протолкувало како ширење на некаков окултизам, а не маичка махинално купена од некој пазар или бутик, какви што ги има многу каде и да купуваш, и тоа би ги фрлило во сенка сите значајни работи кои ги направил, а граѓаните се презадоволни, и тоа радосно и со љубов му го искажаа пред камера.

Сепак, маичката содржеше и симбол кој ми даде до знаење дека намерно е облечена, и дека нешто прикажува, за мене сѐ уште непознато, зошто на дел од неа беше отпечатен и дел од македонското знаме.

Ама- предмет на јавна дискусија не стана, освен што кај мене сега ја разгори страста да дознам за што станува збор и при прва прилика лично ќе го прашам младиот Градоначалник, штом се сретнеме.

Доколку пак таква маичка се најдеше на градите на некој претставник или претставничка на сцената на Евровизија, е тогаш кај нас ќе беше вистинска бура од коментари, со кои ќе му пркосевме на “сатанизмот” (ова најчесто го слушам како збор) и оние кои ни го наметнуваат, зар не е така?

Иако такви симболи со децении има на нашата облека, асесоари, чанти, цедиња, обвивки на албуми, илустрации,  графити, книги па дури и на сликовници и на тетратки за деца.

Но! Ајде да погледнеме што значи сатанизам:

Сатанизмот настанал во средниот век и се одржувал повремено во мали тајни групи. Настанувањето на сатанизмот и неговото постоење се поврзува со христијанството. Христијанството и другите религии во себе подразбираат многу одрекувања. Како такво христијанството предизвикувало во некои групи обид да се одделат, па и сатанизмот е една од реакциите на христијанството.

Според теистичките сатанисти, пак, сатанизмот не е реакција на христијанството, туку најстарата религија вкоренета во паганството.

Сатанизмот релативно има едноставно религиско верување. Организации на сатанисти постојат во светот и нивната работа може да се најде и на интернет. Сатанистите не кријат обреди на кои се придржуваат.

Од анализата на Антон Лавеј во „Сатанистичката Библија“, може да се извадат следниве важни особини.

-Цел на човекот исклучиво максималната лична среќа и уживање во овој живот на земјата. Ако нешто направи за други, сатанистот тоа го прави само доколку тие го заслужиле тоа, апстиненцијата е спротивна во сатанизмот.

-Благословени се силните, проклети се слабите. Според сатанистот, силата и моќта се благодат, а слабоста и понизноста проклетство.

-Сатанистите во целост ја одрекуваат грижата на совест поради своите сторени дела, без разлика какви биле.

-Сатанистите се противници на сите религии а особено на христијанството.

-Сатанистите не веруваат во концепт за Бог, во сатанизмот поединецот е Бог самиот на себе

-Сатанистите имаат три вида на обреди: обред на уништување, обред на сочувство и сексуални обреди

Жртвувањето на луѓе не е дозволено.

***

Уф. Морници ме полазаа. Се почувствував сатанистка! И тоа главна. Се пронајдов во речиси 80 отсто од ова. Верувам и вие. Признајте!

А досега се мислев нешто сосема различно.

Од сево ова сепак ќе издвојам само:

-“Сатанистите во целост ја одрекуваат грижата на совест поради своите сторени дела, без разлика какви биле”. (На ова гледам како целосен примарен принцип на современиот човек, на повеќето луѓе, да не речам на сите).

– “Во сатанизмот поединецот е Бог самиот на себе” (и на ова гледам како целосен принцип на современиот човек, на повеќето луѓе, да не речам речиси на сите, а и делумно кај мене ).

-“Сатанистите имаат три вида на обреди” (еве и ова е кај повеќето луѓе, да не речам на сите), од кои специфично како обред е уништување, особено преку палење, но одлично што барем дознавме дека кај нив – Жртвувањето на луѓе не е дозволено!

И некако ова ми се виде како под индиго со изјавата на министерката за култура која наскоро си оди засекогаш, и ќе е бивша, кога гореше Универзална сала, во чија изјава јас не почувствував ни трошка вина, одговорност, сомневање ниту пак желба стручно да се истражи како дошло до тој пожар, и во која таа потенцираше дека е добро што барем нема човечки жртви.

Доколку јас би била заговарач на теории на заговор ова би го сфатила сосема лично на нејзина сметка. И како некаква порака. Но не сум приврзаничка на теории. Повеќе сакам свесно да набљудувам што се случува околу мене.

Сатанизмот постои со векови и има свои следбеници, како и секоја вера, религија, верувања и секташтво. И секој од нив го истакнува својот симбол во кој верува дека има некаква надмоќ или супермоќ.

Еден од најкористените симболи им било „Радоста на сатаната”. Тоа било групација која верувала дека Сатаната ги створил луѓето и дека ангелите и јахве и другите аврамски креации се вонземјани кои работат на уништување на човештвото..

И тука ќе застанам.

Затоа што на уништување на човештвото не ќе да работи само сатанизмот. Па, глупаво е да нѐ плашат со сатанизам, како мало дете со мечка или со вампир кој ќе му се појави ноќе, ако не слуша. На уништување на човештвото работи нашата неслога, непомагање, непочитување, завидувањето, нанесување штета на другиот, на ближниот, на саканиот, криминалот, поддржување на криминал, нереагирање на неправди,  крадењето, подметнување на сопки, пакостењето, кодошењето, лагите, психичките болки и навреди, потценувања, малтеретирања, употребата на сила, тероризам, убиствата на животните, понатаму главното: непочитување ни своите најблиски, запоставувањето на децата, родителите, старите, изнемоштените … со еден збор непочитувањето на Љубовта и Животот кој ни е подарен од непознатото.

Гледаме дека на уништувањето на човештвото во секој миг работаат многу повеќе детстуктивни фактори (во кои сите ние сакале или не, повеќе или помалку, сме главните улоги).

Нападите се само наше прикривање на сопствената вина за нашата свесна или несвесна деструктивнодт, која, на крајот на краиштата само нам ни го загорчува животот. И беспотребно го комплицира.

Но религиите како и сѐ друго е само престојување во својот ред, кој каде мисли и каде сака да припаѓа, и тие постојано ќе се објаснуваат и докажуваат меѓусебе чија е подобра, а одговор нема да најдат.

Но ниедна религија ни сатанизам нема да те спречи да си го сакаш семејството, роднините, пријателите, соработниците и сите луѓе наоколу, и да постапуваш за нивно добро. Доколку ти сам/ а тоа го посакаш и го правиш…

Па, направи го! И не чекај – уште веднаш!

Само така ќе го победиме злото, а страшниот “сатанизам”… сам ќе се откаже од нас!

И ќе остане само како збор во речникот. Азбучно и подалеку од оној главниот и семоќниот – Љубов!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго 

независен новинар, уредничка во КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.