За Блаже Конески – Останавме ли достојни на неговиот живот и дело?

664

19 декември 1921 година во село Небрегово, сегашна Општина Долнени во близина на Прилеп, се родил Блаже Конески, истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, институција која го носи неговото име.

Тој беше и ПРВИОТ од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност. И пред се Македонец со големо М.

Неговите зрели и силни мисли , ни одзвонувале низ децениите но, не ни биле  баш разбирливи. За жал, годиниве наназад ги споменуваме се почесто . Како онаа:

„Името ни е големо, ќе ни го земат „ или  „Јазикот е нашата единствена татковина“

19.12.2020 –  Одбележуваме 99 години од раѓањето на Конески, во месецот кој ја одбележува и неговата смрт ( 7.12.1993  година) , и се присетуваат луѓето на него кој со вистинска љубов, кој со тага, кој со восхит, но за жал многумина со дволичност и пресметливост, од која сигурно самиот Конески некаде во височините се лути. Затоа што, како што вели Прличев “ Оној што не си ја сака татковината не може да биде добар човек“.

Конески, ги раскажал во своите стихови, со азбуката на македонскиот современ јазик, онаа за која со векови се бореле и гинеле многу македонски синови, сите полја и планини, села и градови, ридови и долини на нашата земја Македонска.
Но, за жал бесрамно отидоа да му се поклонат, заради политички профит оние кои згазнаа на неговиот македонски јазик, на неговата самобитност , на неговиот идентитет и самобитисување. Мачно е да се гледа и чита сето тоа. Мелем на таа мака е да се прочитаат емотивните пораки на оние кои навистина го чувствуваат Блаже Конески како своја ТАТКОВИНА.
А додека Македонија нападната од сите страни а најмногу од своите непријатели а македонскиот народ осрамотен и поижен се обидува да се збере и ГЛАС ДА КРЕНЕ, јас со тага во срцето и немир во душта , но со голема надеж дека нема да го изгубиме она што е наше а тоа е ТАТКОВИНАТА, се потсетувам на ЕДНА ОД НАЈУБАВИТЕ ПЕСНИ ОД НАШИОТ КОНЕСКИ, чекајќи ја 2021 година која е на прагот за целата да му ја посветиме токму НЕМУ, Македонец со големо М.
ВЕЗИЛКЕ 
Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?
– Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
Па со нив вези еднолична низа,
песна од копнеж и песна од мака,
ко јас што везам на ленена риза
ракав за бела невестинска рака.
Судбинско нешто се плело за века
од двете нишки, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.
Везилке, крени наведена лика,
погледај небо во претпладне златно:
се шари таму и чудесна блика
твојата везба на синото платно.
За тебе нема ни вечерен запад,
ти – морно око на трепетна срна.
Две бои таму ти горат и капат,
две шарки твои – црвена и црна.
Зар не се плашиш од јаркоста нивна,
и најмил спомен дека ќе ти згасат?
Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
дните ти минат, прокоби се гласат.
– И најмил спомен што в душа ми блеска
се гаси од нив ко цвеќе без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
ти си ја кажа судбината своја.

И некаде пред крај на ова емотивно обраќање, благите и  вдахновени зборови со кој Блаже Конески, го опеал и неговиот месец –Декември

Брише ветрот,
влажно во темницата,
мириса на снег,
како обично пред Свети Никола.
Ако утре рано,
на разбудување,
здогледаш белина
на крововите и дрвјата,
пак обичното ќе ти биде
уште еднаш во животот
најголемо изненадување.
М-р Татјана Гогоска
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.