Licentia poetica со Славица Тодорова-Сакам жив повторно да бидам а не старец на години млади….

1033

 

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Славица Тодорова, род. Петровиќ, е родена во Скопје, 1974 година. Основното и средното образование ги завршува во родниот град. Во 1997 година, дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик, на групата: Македонски јазик со македонска книжевност и јужнословенски книжевности, а на истата катедра во 2006 година завршила и доквалификација: Српски јазик како втор главен предмет. Во 2000 година го положила и испитот за лектор. Во 2016 година, магистрирала на Филозофскиот факултет и се здобила со звањето магистер по инклузивно образование од областа на специјалната едукација и рехабилитација.

Лектор е на голем број изданија од издавачките куќи „Просветно дело“, „Едука Мак“, „Магор“, уредник е на голем број книги и преведувач на голем број дела од српски на македонски јазик и обратно. Исто така, рецензент е на учебниците по Српски јазик за прво, второ и седмо одделение. Автор е на неколку научни трудови објавени на македонски, српски и англиски јазик: Ставовите на наставниците за инклузивно образование; Поврзаноста на училишниот успех на децата со пречки во развојот со материјално-техничката опременост и кадровската екипираност во основните училишта; Учебниците за почетно читање и пишување за учениците со лесна интелектуална попреченост вклучени во инклузивно образование; Квалитет живота особа са сметњама у развоју; Дете со перварзивно развојно нарушување: поттик или стигма;Friendship as a goal in educational process;Социјализација ученика са сметњама у развоју на часовима производног рада.Пишува и песни за деца, објавени во списанието за деца „Смешка“ и во збирката поезија „Стихувалки“. Автор е и на работна тетратка со графомоторни вежби Учам да пишувам, која е преведена и на српски и албански јазик, како и на стихобоенката „До небото вишно“.

Голем љубител на убавиот пишан збор и творец на прозни и поетски текстови!

ТЕМНО Е…

Кога јад душата стегната од болка

како со нож ти ја пара,

кога безизлезноста излез бара

кога камен во себе носиш –

ти тежи и те мачи,

сакаш да викаш, да го кренеш гласот

но знаеш дека тоа не е спасот.

 

Кога срцето се бори со чемер

со чувството на ладен мермер

што се обвива околу тебе,

и те гуши

и те притиска

и те боли

наместо радост, бесот збори.

 

Се побрзо и побрзо минуваат дните

а изминатото време е празно,

црната дупка во нашиот живот

е нашето најдлабоко азно.

Крик испуштам нечуен, тивок

копнеж за вселенски ред

ништожноста да остане само траг блед.

 

КАДЕ ОДИШ

 

Каде одиш, патнику

каде одиш сам

каде одиш натажен

сакам да знам.

 

Дал’ в срцето болка

ти лежи

дал’ од неволја

бегаш ти

дал’ лута змија

во твојата душа се сви?

 

Ниту е болка,

ниту е неволја

ниту од лута змија бегам

одам зашто надеж веќе немам.

 

Немам надеж, немам верба

сиво околу мене сè е,

апатија и безживотност

за мене не е.

 

Сакам жив повторно да бидам

а не старец на години млади

сакам вербата

во мене

повторно да се всади.

 

Сакам срцето

да ми заигра

на слушнат глас

да ме израдува

дека и за мене има спас.

 

Панта реи

 

И во ноќта светлината спие,

никогаш сè така темно не е,

мракот завршува со денот што се раѓа

и најголемата мака пред радоста паѓа.

 

Кога душата втрепет гори,

кога разумот неразумно збори,

како трепетлика што стои во целосен мрак

небото испраќа јасен знак.

 

И безизлезноста излез има –

во своите пазуви мракот светлината ја прима,

таа таму спие, трпеливо го чека својот миг

за да се појави со својот најубав лик.

 

Панта реи, сè се менува, се тече…

по дождот сонце доаѓа,

сè се движи, не мирува,

сè проаѓа!

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.