„Complicate Simply“ за почеток на Скопскиот џез фестивал

179

Синоќа, 18 октомври 2021, во Галеријата на МКЦ по повод одбележување на јубилејот 40. Скопски џез фестивал, се отвори изложбата на плакати на Скопскиот џез фестивал под наслов „Complicate Simply“.
Станува збор за селекција од 24 креативни решенија за плакат, без хронолошки редослед, најдобрите во долгата историја на фестивалот, многу од нив и наградувани на светски саеми.
По поздравната реч на директорот на фестивалот Оливер Белопета, куратор на изложбата беше одличниот графички дизајнер Небојша Гелевски – Бане. Визуелното обликување на Скопскиот џез фестивал кураторот го поделил во 3 периоди: Во првиот период, 1982-1993, застапени се разновидни, ретро-дизајн техники: рачна интервенција врз фотографија / класична графика печатена на сито / типографски експерименти, колажи… техники својствени за тоа време на „аналоген“ графички дизајн. Овде се застапени авторите Глигор Чемерски, Митко Хаџи Пуља, Љубомир Фрчковски, како и полскиот мајстор Роман Чизлевич.
Креативните решенија од вториот период, од 1994 до 1999, се карактеризираат со фотографии на инсталации на музички инструменти (труба, на пример), користена е фото-манипулација, имаме и чисто типографско решение во 1994 година…
Приказната од плакатите тогаш беше надополнувана и со извонредни видео спотови, снимани со филмска камера. Плакатите од овој период се авторство на Славимир Стојановиќ – Футро и на Милчо Серафимовски. Ова е периодот со кој СФЈ плакатите почнуваат да ги добиваат најзначајните награди за дизајн.
Во третиот период, од 2000 до денес, минимализмот, чистотата и едноставноста се водечката линија на дизајнот. Изложбата вклучува 17 плакати од овој период, на авторите: Футро, словенечката група: Карло Меѓугорац, Митја Миклавчич, Рок Крегељ, и македонските претставници: Гордана Вренцовска, Јана Мишева, Неда Фирфова, Ивица Спасовски, Таби Азири и Зоран Кардула.
Малку познат факт е дека Скопскиот џез фестивал е македонски бренд со убедливо најголем број значајни награди, поточно 42, на светските маркетиншки фестивали (вклучувајќи и „Гранд при“ на најпознатиот, во Кан). Визуелниот идентитет на Скопскиот џез фестивал му обезбеди препознатливост и исклучителен рејтинг во светот. Не само со плакатите, туку и со видео клиповите (анимираните или оние работени на филмска лента), со монографиите, програмските каталози и со календарите – единствени во светот од тој тип.
Во каталогот на изложбата, освен 24 репродукции од плакати, поместени се и текстови на Богдан Бенигар, музички директор во Цанкарјев Дом во Љубљана, на Славимир Стојановиќ, графички дизајнер од Белград, и на Оливер Белопета од Скопскиот џез фестивал.
За „Плакатот како форма на комуникација“ Небојша Гелевски вели: Со масовната дигитализација и плакатот добива ново, ревидирано, но сеуште важно место во визуелната комуникација. Тој станува респонзивен, прилагодлив на новите комуникациски канали. Ако порано плакатот имал еден облик и бил изложен само во јавен простор најчесто во една форма (едно графичко решение), тој денес се среќава, за жал, сѐ помалку во јавниот простор, но затоа е експониран во дигиталниот простор, каде не само што може да ја менува формата, од портрет да стане лендскејп или квадратен, туку може да биде „оживеан“ со анимација и движење. Моја проценка е дека плакатот денес, во дигиталната ера, е изложен на повеќе погледи. Плакатот не е мртов“…
Со овој настан, збогатен со музиката на Антоние Весковски кој свиреше на вибрафон, а веднаш потоа и документарниот филм ARETHA FRANKLIN: AMAZING GRACE во киното Фросина, е најавен “Скопскиот џез фестивал” кој ќе се одржува од 20 до 24 октомври во МОБ и МКЦ.

Сите детали за фестивалот на www.skopjejazzfest.com.mk.
Инфо за билетите на http://www.skopjejazzfest.com.mk/bileti.asp
facebook event: https://www.facebook.com/events/645115923541927


куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.