ФИЛИП ПЕТЕРСЕН: Сон ми е да работам на големи концерти и фестивали!

75

Прекрасниот Филип Петерсен е Американец со македонско потекло, или подобро речено Македонец со американско потекло. Роден е во Чикаго, по татко американец, по мајка македонец, каде и пораснал и изучил дел од основното образование, за да потоа дојде овде и успешно матурира.
Од пред две години се запиша и студира во Колумбија колеџ Чикаго, на оделот за Аудио уметности и акустика, толку успешно што за брзо ја доби и највисоката стипендија на колеџот.
Здраво Филип, Среќна Нова 2022 година и сѐ најубаво. На почеток кажете ни како одат студиите? 
-Среќна Нова 2022 година и јас Ви ја честитам, и на сите читатели. Студиите ми одат доста добро, сите предмети ги положив од минатиот семестар и сега ми останаа уште 5 предмети кои треба да ги завршам во Мај.
Студирате аудио дизајн и продукција со специјалност во студиско снимање, а исто земате и предмети за звук во лајв контексти. Што значи тоа, како да ја сфатиме оваа професија за која се обучувате?
– Кога станува збор за снимање во студио или подршка во лајв контекст улогата на тон мајсторот е да процени кои микрофони, кои техники на поставување на тие микрофони, кои техники на манипулација на звукот (преку процесори) се најсоодветни за музиката или било каква уметничка изведба. Тоа се прави преку детално познавање на голем дел од технологијата која е достапна денес, преку познавање на голем број музички жанрови и форми на уметнича изведба и според мене најбитно е да има отворена комуникација со изведувачите. Интересот за техниките за снимање во студио ми дојде од моите музички експерименти во средно: снимање на пријатели кои се музичари и мои сопствени музички авантури во светот на дигиталните работилници на звук. Додека мојот интерес за звук во лајв контекст се роди подоцна, во текот на моите студии, но посебно во неколкуте искуства како асистент на мојот ментор Ивица Јанкуловски. Според мене, улогата на снимателот во студио е да го сними звукот најдобро што може со дадената опрема и соба или соби и потоа да направи добра рамнотежа меѓу различните звуци. Разликата во лајв контекстот е најпрво, нема толку конфорт, песната се случува еднаш и сите грешки не можат отпосле да се исправат. Исто така има многу повеќе потенцијални проблеми во тој свет, од технички до природни и таканатаму. Убавината во лајв настаните за мене е ризикот, тоа прави секој успешен концерт на пример, да создава многу задоволство кај сите што се вмешани, но исто толку незадоволсто во спротивно.

Македонија Ви е при срце, и иако растевте и живеете на двата континенти, а во Скопје имате и свое друштво, сепак решивте за тајните на музиката да студирате таму. Знаеме дека можностите се неспоредливи, па да претпоставам дека и затоа изборот падна на Чикаго, или имаше и некоја причина плус?
-Изборот се случи бидејќи татко ми живее во Чикаго и ми предложи да го истражам школото и откако го истражив се пронајдов во оваа струка. Секако игра голема улога тоа што имам тука фамилија од на мајка ми страната која ми дава огромна подршка.
Моментално користите дигитални програми и најчесто експериментирате во студио. Но, Ве влече и правење на музика. Заедно со вашата група Вие бевте дел и од неколку филмски саундтраци за холивудска продукција. Кажете ни за тоа искуство.
– Имаше една можност со моите колеги да направиме музика за еден краток филм, каде што бев тонски снимател. Режисерот сакаше да ја преземам улогата откако ме слушна како свирам на клавир за време на една од паузите во снимањето. За жал процесот на аранжирање и снимање на песните за филмот беше долг, а режисерот со нетрпение сакаше да го прати филмот по фестивали и реши да користи теми од интернет.
Во овој период работите во синагога каде што, просто неверојатно, освен што работите со предобри музичари, со Вас е и познат перкусионист во Чикаго, Калјан Патак, кој има работено со врвни музичари како на пример Арета Френклин. Како се запознавте, како дојде до таа соработка? Што Ве учи овој познат музичар?
-Со Калјан Патак се запознавме во синагогата каде што работам. Тој дојде еден ден со неколку инструменти кои ги видов за прв пат во мојот живот. Почнав да разговарам со него за нив и така открив повеќе за него, но и за неговиот инструмент- табла, кој е еден од најпопуларните перкусиони инструменти во Индија. Од него научив за неколку инструменти и неколку техники за озвучување на истите.
За Вас знам дека со двајца колеги делите студио и таму работите со бендот за алтернативна рок музика, на својот пријател Joe Merkle, North Lodge. Вашата улога во неговиот нов албум е- снимател. Што снимате во моментов?
-Во моментот работиме на новиот албум, и користиме различни начини за снимање некои теми се на касета а некои се дигитално снимени.


Како што гледам се интересирате за сите аспекти на процесот на создавање на музика, но како да не сакате да излезете на сцена, иако вашите природни предиспозиции и тоа како го дозволуваат тоа. Повеќе сте за бекстејџ варијанта?
-Секако дека имам љубов за музиката и сакам некој ден да изведам и јас нешто, но повеќе ме влече оваа страна на тој свет.
Бидејќи ова Ви е прво интервју, и Ви го честитам, а верувам во иднина ќе ги имаме многу повеќе, кажете ни нешто за себе, за вашето хоби, дали свирите некој инструмент, посетувате ли концерти, со каква музика? Па и тоа дали девојките знаат да му додеваат на вака убав музичар, како Вас? Девојките згора на тоа, многу ги сакаат дечките од светот на музиката.
– Свирам клавир во слободно време и учам да свирам блуз, тука ми е фокусот. Летно време во Чикаго обично има џез фестивал кој не го пропуштам ако сум тука бидејќи има толку добри музичари и некои од нив немаат снимки достапни лесно. Одам најчесто на концерти и изведби на мој пријатели. Кога станува збор за девојки имав доста авантури тука, но годинава повеќе сум посветен на студиите и работата.
Која е Вашата цел во музиката, каде Ве води сонот?
-Моментално сонот ми е да работам на големи концерти и фестивали, не сум имал прилика досега, но летово ќе има многу прилики за работа на такви настани. Исто така би било убаво да имам свое студио.
Времето на новогодишните празнувања помина, се враќаме сите на својата работа. Во Скопје кога планирате да нѝ дојдете?
-Не знам, немам план. Оставам сам да се створи. За Скопје, ако не порано, ќе дојдам во летото 2023 година сигурно.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.