Licentia poetica со Антонина Димитрова …Под мирисните вишни, со коси снежнобели во мене убави мечти се враќаат пак….

1503

Licentia poetica со Антонина Димитрова (Бугарија) 

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Антонина Димитрова е поетеса од Бугарија. Членка е на Сојузот на независните писатели на Бугарија и на Поетскиот клуб „Иван Николов“ во с. Горски извор, Општина Димитровград. Иницијатор и член е на организациониот одбор на Националниот конкурс со меѓународно учество „Есенски штурци“ –с. Горски извор. Авторка е на две двојазични книги со стихови и проза  објавени на бугарски и руски јазик, коавтор е на една книга заедно со Олга Борисова од Самара, Русија. Пишува на бугарски и на руски јазик. Стиховите и се препејувани на руски и на полски.

Номинирана е за Националната литературна награда „Поет на годината“ за 2015 и 2018 година-одликувана со медал „Владимир Мајаковски“ од сајтот stihi.ru, каде го објавува своето творештво. Наградувана е на многу меѓународни конкурси во Русија, Белорусија, Ураина и Бугарија.

Носител е на ѕвездата „Наследство“ врачена од Рускиот писателски сојуз и Рускиот имераторски дом.

 

МОЈОТ СТИХ

Капки слобода

од мастилницата се изливаат

шепотат на листот

мислите ги оживуваат.

 

Мојот пулс-метроном

запечатен во ритамот,

зборовите ми се плач,

напластен во палетата.

 

Грмеж и тишина-

премолчена вистина,

ја гушела совеста,

душата ја прочистила.

 

ЛЕТОТО

Летото е само

краток миг блаженство,

порив и воздишка

со мирис на

Златен зрак во косите

Делче совршенство…

Доаѓа и одлетува

се смее, креска…

Сакам да го сочувам,

за да ме згрее

во зими безљубовни,

во студ безмилосен

до деновите мои

по патот делничен

да пее

во ритам тревожен,

со мојот пулс.

Застани, мое лето!

Не, не заминувај!

 Сакам топлината

благиот спокој,

и  виорот на ветрот

развеан над полињата,

да ме оснажат

во дните несреќни.

СВИРИ ШОПЕН

Надвор зимата пак исплела кадели

дворот заспива од студ онемен

проблеснуваат во мене мечти изветвени

јас сум крај каминот, свири Шопен.

Излетува акорд и ноќта полудува,

Спокојот го снемува, распрскуваат искри.

И вишната пак расцетала во бело,

невеста небесна со вел од ѕвезди.

Допираат моиве нозе јаглени жешки

ме горат, ме фрлаат во огнена екстаза…

Ме облеваат бели, солени, пенливи,

чувствата на нежна, загадочна страст…

Ме дигаат, ме носат, бесни и диви

безмилосно ме пуштаат во пеколна пропаст,

ме вадат, ме спасуваат  во рајски градини

покорно сум предадена на нивната власт…

Пред мене партитурата бела се смее

Часовникот отчукува миг по миг

светол е и чист небесниот лик.

Без снег, без виулици, без студ, без мраз, без зима!

Без празни надежи, тага и болка!

Без пепел од огништето без чад од оџакот,

без сон растеперен и стих што не прозвучил…

Под мирисните вишни со коси снежнобели

во мене красни мечти се враќаат пак.

Ги разлистувам нотните листови смело

го прелистувам животот во топлиот мрак…

Надвор, зад прозорецот, рој пеперутки

Вибрираат од воздухот остар и студен

танцуваат маѓосно, се смеат лудо

а ветрот во оџаците го свири Шопен.

 

Избор и препев од бугарски на македонски: Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.