МАРИЈА КАЕВА: Јас сум токму таму каде што сакам да бидам!

183

(Фото Никола Јовановиќ)

Тивка музичка дама, со силен печат. Со сигурни чекори. Го претстави својот нов албум “Фортуна”, кој ќе Ве втурне во преслушување и преиспитување на значењето на секој отпеан збор и тон. Мултиталентираната Марија Каева веќе се има себе си на албум, кој овој пат ја отсликува креативната моќ на оваа авангардна комплетна музичка креаторка и изведувачка. Целосно и детално. Со текстови, со кои ќе Ве заведе и одведе во свет на имагинација.

*„Фортуна“ е Ваш нов албум, притоа и пријатно изненадување- Ваш авторски музички ракопис, со извонредни музички изработки во поп манир со техно примеси. Издаден на истекот на 2021 година од ПМГ Рекордингс. Воедно,албумот е реализиран во директна соработка со Владан Дробицки, еден од нашите најквалитетни музичари. Јас дадов само кусата најава, Вие објаснете ни го подобро и подетално.
Марија Каева: „Фортуна“ е всушност мојот деби албум и му претходи на ЕП-то „4 Инциденти”, со временска дистанца од дванаесет години. И двете изданија се наоѓаат во богатиот каталог на издавачката куќа ПМГ Рекордингс. Продуцент и коавтор на албумот е Владан Дробицки. Инструменталната верзија на” Фортуна” е местото од кое тргнавме со Владан на едно необично патување коавторски, па тука падна и првиот текст и првата мелодија од моја страна. “Фортуна” за мене е влог но, исто така и долг. Овој албум се роди на едно виртуелно место во време на пандемија. Со Владан започнавме да работиме онлајн на раздалеченост од речиси две илјади километри за да продолживме потоа и во живо во Скопје. Сепак, најголемиот дел од работата се заврши онлајн. Сите ние бевме затекнати и бомбардирани од вестите за прогресијата на пандемијата и нејзиното негирање, сето тоа измешано со чувствата на луѓето за глобалната и локалната политичка сцена (стравови од секаков тип), кои пак на социјалните мрежи беа артикулирани како најголеми револуционерни крици и големи вистини,а, завршуваа во трагични краеви на големи пријателства и всушност само го потхрануваат опасниот правец во кој се движи јавниот дискурцшлус облечен во револуционерно руво. Во еден момент луѓето дури и јавно искажуваа омраза кон едни поради емпатија со други.Емпатијата стана фитил, гориво и покритие за омраза во едно крајно поларизирано и задолжничко општество. Богови, влогови и долгови. Осудата на едните, емпатијата со другите и непромислените добронамерни споредби со злосторници од далечната но, и не така далечна историја, длабоко ме вознемирија како човек. Сепак, ова не е ништо ново. Со почетокот на пандемијата стана очигледно и акутно. Решив да пишувам и пеам песни и се вакцинирав. Морав да се справам со сите силни сентименти кои не беа нужно поврзани со мене лично. Албумот, би рекла, звучи прилично мирољубиво за приликите во кои се наоѓаме и се обраќа ненаметливо и со обид да се намали диктатурата на вокалната изведба која е стандард денес во целиот свет. Тоа беше мојот начин да ги смирам деструктивните емоции предизвикани од колективната тегобност, да ги структуирам и рационализирам на едно познато и безбедно место како што се музиката и пишаниот збор во мојот случај. Текстовите се белешки од заедничкото секојдневие но, има и неколку топли погледи наназад. Сакам да пишувам песни за нешта кои не секогаш имаат директна врска со мојата животна ситуација но, и за работите кои сум ги доживеала или восприемила и самата, а, сум забележала дека им се заеднички на поголем број на луѓе. Но, перцепцијата е обично таква, на изведувачите и на авторите им се верува слепо и сѐ што пеат или пишуваат се доживува автобиографски. На тој начин од нив се создаваат богови или жртви за утеха на луѓето изнемоштени од долгови и исцрпувачки работни времиња и прекарни услови на кои за жал им останува само надежта. Албумот постои во дигитален формат и е достапен за преслушување и симнување на bandcamp.

*На 13 декември 2021 беше претставен во МКЦ, неколку дена подоцна, на 17 декември пак се одржа концертна промоција со Дробицки (електроника) и Дино Милосављевиќ (тапани), и неколку диџеи за загревање. Беше тоа што очекувавте? потоа следуваше скопскиот фестивал на алтернативна музика “Земјотрес”. Се “разбуди” ли она сценското во Марија доволно за да почнете односно продолжите со едно турбо темпо?
Марија Каева: Нема ништо поубаво од можноста да се промовира новата музика во живо. Особено ми беше драго што промотивната свирка се случи токму во МКЦ и што Дино Милосављевиќ ни се придружи со Владан. Дино со своето искуство и талент му додава на квалитет на нашиот настап. Таа вечер беше убава прослава на музика од дома и регионот и ми беше особено инспиративно што настапија и други музичари (ДЈ Магија, Тодор Караколев и Фантом од Белград). МКЦ е од исклучително важно значење за домашното творештво, кое често се смета за некомотно и неатрактивно за вкусовите на естрадната побарувачка и медиумите кај нас. Тоа е место каде што различните генерации добиваат близок увид во локалната сцената, а за мене сцена е кога музичарите делуваат и како колектив, разменуваат искуства, ја преиспитуваат и менуваат перцепцијата за реалноста во која живееме, се запознаваат и надополнуваат, учат едни од други, се инспирираат едни со други и
не се тука за да се натпреваруваат и победат туку за да создаваат култура и да бидат нејзини активни творци. МКЦ го прави сето тоа возможно. Фестивалите како “Земјотрес” се особено важни, тоа е настан на којшто се сумираат преобразбите на нашите впечатоци од реалноста во документ за времето во кое сме делувале. На неговото десетто издание настапија дваесет домашни состави и артисти. Сите тие ја промовираа музиката што ја создале и издале претходната година. Добра жетва! Мене тоа ми е како празник и ми беше чест и задоволство да проследам голем дел од нив и самата да настапам вечерта. И да, “Земјотрес” и секако МКЦ, имаат публика која е отворена за нови работи и пред сѐ за домашната творба.

*Електро музиката секаде се слуша, и е трендовска алтернативна музика, оттука јас искрено очекував дека текстовите ќе бидат на англиски јазик, за да овозможат извесен пробив или настапи надвор. За биде изненадувањето уште попријатно, сите се на македонски јазик. Необични наслови, необично текстови и многу лежерно вклопени во музиката, која некако “мирно минува”. Со каков мотив се создавани, кого треба да освојат како целна група?
Марија Каева: Живееме во време кога електронската музика повеќе не е само музички екперимент или правец туку доминантно присутен звук. Сметам дека денешната алтернативната музика не е нужно поврзана со електронскиот звук, повеќе со тоа каква атмосфера се создава во едно музичко дело, за што тоа зборува и на какви места нѐ носи и во какви форми се изразува. Албумот “Фортуна” е мелодичен, во поголемиот дел создаден електронски и структуиран во популарен манир, во смисла на строфа и рефрен и времетраење до 5 минути. Што се однесува до намерите за пробив на странскиот пазар, морам да кажам дека немаше таков поттик за правење музика, па оттука и немањето потреба да пишувам и пеам на англиски. Дури и не размислував за тоа на кој јазик да бидат песните. Песните се случија на македонски јазик. Но, некогаш соработката со други музичари налагала да се најде заеднички јазик како на пример англискиот. Сум имала излети, не ми е туѓо да пеам и зборувам на други јазици ниту пак го исклучувам тоа за некои идни проекти. Би додала и дека новите генерации, кои се често критикувани, имаат легитимно право да се изразуваат на јазиците кои тие ги владеат и ќе ги одберат, без разлика дали мотивацијата е пробив во странство или од некоја друга причина. Добро е што знаат повеќе јазици, оти живееме во време кога познавањето на повеќе од еден јазик е неопходно. И доколку се решиле да пеат на друг јазик не би било фер да бидат изоставени од емитување. Јас се решив да пеам на македонски, но, не гледам никаков проблем во тоа да се пее и на други јазици и тоа да се смета за домашна продукција. Негувањето на македонскиот јазик не може да биде насила. Пеењето пак на македонски јазик е и тоа како, негово промовирање, документирање, збогатување и популаризирање, во времиња кога малите јазици во светот стануваат второстепени дури и кај мајчините говорители. Мене тоа ми има смисла.
*Во неколку песни гостуваат и машки гласови. За кого станува збор?
Марија Каева: Мирко Попов и Сашко Костов ми се долгогодишни пријатели и соработници. Запознавањето со нив двајца резултираше со нашата коавторска работа на ЕП-то „4 Инциденти“ од 2009 година. Моја желба беше токму тие да гостуваат на албумот. Се работи за машки гласови и автори кои што ги почитувам исклучително.

(Фото Ѓорги Клинчаров)
*Малку се жени, музички авторки кај нас, се чувствувате супериорно или инфериорно во однос на тоа дека сте една од малкуте, а би требало да има повеќе, да им се даде повеќе простор за творење.
Марија Каева: Ниту супериорно, ниту инфериорно, само одговорно. На независната сцена овој дисбаланс оди кон подобрување во смисла на отстапувањето простор на жените авторки и покажување интерес за нивното творештво. Сепак, сметам дека најважна е пред сѐ нивната лична иницијатива да се изборат за тој простор и да бидат рамноправни креатори во него. Тоа не е секогаш лесно во нашата средина. Ќе споменам неколку авторки од музичката сцена кои мене лично ми оставиле силен впечаток: Теа Шалдева (Галатеа, ПМГ Колектив, ДЈ Магија), Димитра Цилевска (Димитра), Драгана Заревска (Телемама). Би ја додала и Кристина Горовска (Бернајс
Пропаганда), како најважен современ женски автор за мене, вклучувајќи ја тука и книжевната сцена. Нејзиното творештво и делување е од непроценливо значење. Овие авторки излегуваат од стереотипот за жената која е исклучиво муза, но, не и креатор, коментатор и провокатор на реалноста. Во музиката на овие авторки нема да сретнете опејување на идеалот за женската кршливост, срозеност и длабока тага која ја предизвикал опеаниот маж што нема чувства, драма која често се одигрува во Казино и во скап автомобил. Тоа не е далеку од реалноста на нашите улици осветлени од примамливите светла на казината и кладилниците во приватна сопственост коишто го запоседнуваат јавниот простор и личните судбини. Ова се жени кои во своето творештво се бават со општеството и улогата на современиот човек во него, секоја на свој креативен
начин и во жанрови кои се можеби неочекувани за жени кај нас, додека “жената и баладата“ во нашата средина сѐ уште се сметаат за врвна уметност и формула за успех. Од друга страна пак, кусокот на музичка рецензија, конструктивна анализа и генерално продуктивна критика на популарната култура во медиумите, им овозможува на ваквите стереотипите да се утврдат уште подлабоко во перцепцијата на јавноста како единствената формула за успех и признание, како нешто непроменливо, неподвижно и свето. Музичката критика и рецензија кај нас честопати се сведува на куси изблици спружени на социјалните мрежи кои посочуваат на шунд, на тоа дека кој стигне прави музика, дека ова или она не е музика, дека е правено во дневна или во детска соба, дека некој не знаел да пее, дека спотот бил направел со мал буџет, до тоа дека “сонгврајтерите” не смеат да се изедначуваат со композитори.

Ова укажува на тоа дека критиката на популарната култура во која би ја сврстила и музичката рецензија, наместо да се занимава со веќе направени дела (особено оние што не им се допаѓаат лично), и ги анализира можните општествени димензии, музички израз и порака во нив, се занимава со тоа да кажува кој смее и кој треба да прави музика, а кој не. Знам дека имаме одлични и искусни пера кои сигурно имаат многу што да кажат на еден конструктивен начин, но исто така знам дека неподготвеноста на авторите и изведувачите за прифаќање критика ги обесхрабрува рецензентите да се занимаваат со својата работа во име на зачувување на добрите односи во време кога опасноста за нивно нарушување демне од секое ќоше на нашиот заеднички живот на социјалните мрежи. Но, не само ова, туку и фрапантниот факт што медиумите не се заинтересирани да нудат такви содржини затоа што не носат кликови и мора да преживеат на друг начин,најчесто со нудење на кратки и скандалозни содржини. Но, да се вратам повторно на стереотипите кои се посакувани ако сте жена. Во нашата средина од жената се очекува да се грижи за беспрекорната изведба и изглед и задржување на тој метастатус по секоја цена. Таа улога ја прифаќаат многу талентирани жени, а стандардите за убавина стануваат сѐ потешки и поскапи за одржување. Можеби жените не пишуваат и продуцираат музика толку често затоа што се верува слепо во тоа дека ако ти напише песна некој хитмејкер или “учен“, ќе имаш добра кариерата, или дека ти не можеш, тоа може само некој друг– докажан! Шпекулирам. Но, факт е дека доминираат машките автори и по некоја жена,најчесто во улога на текстописец и скоро секогаш како изведувач. Од друга страна пак, изведувачките права кај нас сѐ уште не се регулирани. Изведувачите, не само вокалните туку и оние што свират инструменти во песните што ги слушаме, продуцентите, придружните вокали, глумците, театарските режисери, диригентите, балерините и сите други изведувачи, немаат право на надомест за емитување и јавно користење на дела кои ги изведуваат. Надоместот сега засега им следува само на авторите, во случајот со музичките права по основ на три категории: текстописец, аранжер, композитор. Може да зборуваме за огромна бројка на песни и дела кои станале популарни и биле максимално екплоатирани во јавноста заради харизмата и талентот на изведувачите. Ние живееме во земја во која овие луѓе кои директно комуницираат со јавноста и се изложени на нејзината немилост и милост, немаат ама баш никаква институционална поддршка и стимулација. Ним им преостанува товарот и привлечноста на славата како гаранција за добар хонорар од настап во живо или инстаграм пост, и многу често зависат од спонзорства и плаќаат пет шест просечни месечни плати за песната која ја изведуваат и популаризираат а, немат ништо од тоа освен правото да забранат некоја снимка од нивна изведба. Во случајов се работи за тоа дека жените најчесто подлежат само на сродните права, а оние кои подлежат на авторските права се најчесто мажи. Сродните права се сѐ уште нерегулирани во 2022 година и со тоа ги онеправдуваат и експлоатираат сите изведувачи, тука мислам не само на вокални солистки и генерално интерпретаторки, туку и на голем број на вокални солисти и интерпретатори, како и помали колективи како што се музичките групи, оркестрите и хоровите. Имаше обиди и препреки а, неодамна добив добра вест дека наскоро ќе можеме да се надеваме на регулирање и на сите сродни права, но сѐ уште се чека да биде изгласан предлог Законот за авторски и сродни права за да тргне работата. Уште еден голем проблем е и доминантната присустност на една според мене монокултурна и неподвижна сцена во домашните медиуми и игнорантниот однос кон сцената која е пермакултурна и прогресивна и богата со музички изрази. Ова е навистина голем проблем кој му оневозможува на јавниот интерес да стане место за напредок, да не речам го осакатува од правото на тоа. Тука би сакала да ја изразам мојата поддршка за иницијативата на Тошо Филиповски на фејсбук со која тој апелира да се посвети повеќе време, внимание и простор на разноврсноста на домашната музичка продукција во етерот. Мислам дека мојата отворена поддршка во овој контекст ќе има поголем ефект отколку мојот лајк
на фејсбук. Посакувам повеќе присуство на независната сцена особено на Јавниот сервис кој е должен да му отстапува простор на поширокото домашно творештво, наместо на неколкумина кои по личните видувања на малкумината одговорни се доволно добри и вредни за емитување. Огромна поддршка и до дамите од емисијата „Стисни Плеј“ која се емитува на МТВ и на Радио 2, кои се отворени за пошироката сцена, но тоа е само една емисија која се занимава со домашната сцена и не може да се очекува тие самите да завршат работа на сите фронтови. Приватните медиуми имаат легитимно право да емитуваат што сакаат или што мислат дека е атрактивно, нивната егзистенција е директно поврзана со пазарната економија и гледаноста, која пак им гарантира пополнети рекламни блокови и платена политичка програма. Нема лутиш. Може ова нам да не ни се допаѓа, но тие не се обврзани на тоа како што е Јавниот сервис.

*Во изминативе две и пол децении сте постојано дел од медиумите, како пејачка, како водителка, Ве има на Македонско Радио- Радио 2, а претходно и на Канал 103, ТВ Алфа,снимавте документарни филмови, го позајмување гласот во серии, Ве видовме во разни “улоги” , но никогаш не во улога на некоја која се “лакта” за место во прв ред, искористувајќи ја моќта на
медиумите. Така Ви е покомотно?

Марија Каева: Јас сум одамна во медиумите, од дете. Тоа ми овозможи многу рано да ги согледам структурите на моќ кои постоеле и во најдобрите и најпродуктивните години на тогаш единствениот Јавен сервис, привилегираноста по многу основи на едни како и ситното профитерство на други поединци. Тоа се првите редови. Првиот пример за тоа како увидов дека не е сѐ така прекрасно се солистите на детскиот фестивал “Златно Славејче” во раните деведесетти кога бев дел од хорчето. Солистите кои доаѓаа директно од хорчето и беа избирани на аудиција за да пеат во него, можеа да се избројат на прсти. Како дете се прашував од каде доаѓаа солистите што не пеат во хорчето, кои се тие деца?! Се појавуваа пред дечињата од хорчето непосредно пред фестивалот во собата каде што имавме проби во малата зграда на МРТВ и потоа во Универзална сала на настап. Тогаш си мислев дека тие пеат поубаво од нас обичните славејчиња и затоа се солисти и ги сметав за егзотични птици певливки. И навистина сите убаво пееја и им личеше да бидат во први редови. Овие први чудни искуства не ме обесхрабрија и не се откажав од
своите интереси и можноста да се развивавам и да учам. Но, тоа е и местото на кое многу научив (особено во и од Канал 103), токму во таа зграда на Јавниот Сервис каде што сум и во моментов ангажирана хонорарно и ја уредувам и водам емисијата “Успори малку!”, секој работен ден од 17.00 до 18.00 часот на вториот програмски сервис (Радио 2). Продуцентка на емисијата е мојата драга колешка Вики Велјановска а, емисијата се бави пред сѐ со оддржливото живеење и предизвиците од климатските промени. Во неа има и добри и лоши вести и многу музика. Радиото отсекогаш ме привлекувало од неколку причини, особено заради музиката која е доминантно присутна во радискиот етер. Телевизиските ангажмани никогаш не ми биле интересни, ја сакав магијата на радиото и на тонските студија, не сакав да се шминкам и да се дотерувам секој ден за пред камера а, и до ден денес ми пречат и ме болат силните светла и рефлектори. Имам проблеми со видот и сум сензитивна на силно вештачко светло во тој спектар. Тоа исто така треба да се прифати како попреченост. Инаку се имам лактано за да ја промовирам алтернативната музика, особено од домашната продукција, во медиумите во кои сум имала радио емисија и тоа не било секогаш пријатно.

*”Фројд е жив” песна снимена во дует со авторот Александар Ристовски Принц во 2000-тите години, направи тектонско поместување на естрадата, беше белег на едно време, кога македонската забавна сцена беше во својот полн процвет, нешто што предизвика еден вид “хистерија” од популарност. Се надоврзувам на претходното прашање, се заситивте ли тогаш доволно со статусот “ѕвезда”, па Ве снема, односно се повлековте во сенка…
Марија Каева: Идејата за соработка со Александар Ристовски Принц се случи во еден наш разговор во просториите на тогашното Радио Уно каде што во тој период водев утринска програма. Јас се интересирав за Фројд уште во мојата младост и ми се допадна идејата од тоа да се направи песна која Принц веќе ја имаше напишано и испадна да биде дует. Ми се допадна и свежиот пристап кон поп музиката што го имаше Александар Ристовски Принц во тоа време и тоа што беше отворен и заинтересиран за моите идеи или текстови. Во случајот со овој хит, тој е комплетен автор а, јас учествувам со својата изведба и една мала идеја за видеото. Би рекла дека популарноста на оваа песна во голема мера се должи на тоа што медиумите во тоа време, особено телевизиите, ја “утепаа” од емитување, пред дваесет и кусур години кога немаше јутјуб. За реакциите на публиката дознавав подоцна во животот и никогаш не сум се чувствувала како ѕвезда дури и не знам што тоа точно значи. Свесна сум дека сум оставила впечаток и дека сум добила внимание. По таа песна следуваа и уште неколку песни работени со Александар и со многу други музичари и би рекла дека не сум се повлекла туку не сум била толку многу присутна и продуктивна на тема музика и сум се занимавала и со други работи.
*Да продискутираме за спотот со бебето во кадата, во тоа време беше протолкуван како крајно контроверзен, но од денешна дистанца тоа е ништо во однос на тоа што се видовме на тв екраните. Што коментари добивате тогаш, се сеќавате? Ви пречеа оние што Ви забележуваа?
Марија Каева: Интересно е тоа што ова сум го чула честопати, баш вака кажано “спотот со бебето во кадата“, и сум размислувала за таа перцепција затоа што сепак се работи за две различни сцени. Во едната сцена, во кадата, која инаку беше полна со вода и вар за да изгледа како млеко, е Принц, а, во другата сцена јас си ги покривам голите гради со голо тримесечно бебе. Токму таа сцена беше моја идеја поттикната од честите ситуациите на кои сум сведочела во кои доењето во јавност се сметало за скандал, недоличност и срамота. Мене тие реакции ми беа ненормални и се чудев зошто е тоа толкава стигма. Таа сцена можеби нема директна врска со текстот или пак флертува и со него но, и тоа како има врска со доењето во јавност. Добро е што пред години се отвори оваа тема и јавно се говори за овие работи. Од друга страна, луѓето повеќе се интересираа за тоа дали камерманот и останатите мажи што работеа на видеото на девојчето му ги виделе голите гради, отколку што тоа сакало да каже девојчето со оваа сцена. Принц беше доволно луд и голем ентузијаст за да најде бебе но, и родители кои се доволно отворени за да ѝ дозволат на пејачката да го држи нивното голо и кревко бебе на своите непокриени гради. Тоа беше скандал за многу луѓе, како тоа мајка да даде на друга жена да ѝ го држи детето на голи гради пред толку мажи и пред камера. Секако и тоа дека девојката била гола на телевизија, иако никаде не се гледаат женски гради во видеото. Дарио сега е полнолетен дечко и виолинист. Во оваа прилика би сакала да им се заблагодарам на неговите родители за довербата.

(Фито Бенјамин Рентер)
*Тоа беше еден вид попопуларна музика, наменета за поширока група, потоа се свртивте кон алтернативата. Обично е обратно, од алтернатива стануваат мејнстрим. Како е поинтересно?
Марија Каева: Како што се обидов и погоре да кажам, не ме освоила таа средина никогаш. Ме привлекуваат места, луѓе, колективи и иницијативи од
кои можам да научам и да се инспирирам. Јас сум токму таму каде што сакам да бидам.
*Ве бие глас дека поседувате сценска харизма. Ќе ја искористите до крај во периодот што доаѓа? На кој начин? Со која стратегија?
-Јас, Владан и Дино настапивме заедно со материјалот од албумот “Фортуна” неколкупати и искрено се надевам дека ќе имаме прилика тоа да го правиме и понатаму. Поканите се добредојдени, ние сме тука.


Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.