„Утрото по крајот на светот“ е насловот на најновата книга на авторот Дејан Крстески

92

Утрото по крајот на светот“ е насловот на најновата книга на гостиварецот Дејан Крстески, која деновиве излезе од печат. Станува збор за збирка поезија со 45 песни кои обединуваат едно пошироко тематско шаренило.

Во рецензијата за збирката, Мр. Ирена Павлова Де Одорико меѓу другото наведува:

„Имаме автор кој поезијата ја промовира како персона, со сите нејзини исповедни тонови, бои, созвучја, кои вибрираат свои вистини и жестоки опсервации за стварноста што нѐ опкружува и реалноста на битието, заглавено во сопственото тело и тишина.

Во поезијата на Крстески, постои една константа на исповед, на еден пригушен крик  среде егзистенцијалниот вакуум. Тој е како воскреснатиот  Лазар, кој ги лечи раните со бескомпромисното именување на падот на векот и светот. Но, на терезијата како противтежа ја додава љубовта. Лирското меѓу две острења на ножот во неговите песни…

„Песните од оваа книга, исцртуваат маркантен профил на меланхолијата, потцртана со флуоресцентни  бои. Заради сево оваа, песните од оваа книга, ќе заведат токму со чистото срце на поетот. Неговата исповед одново и одново ќе ја  воскреснува душата на секој оној, што ќе ги ,,допре” овие песни. Зашто, сигурно знам, дека и тие ќе го допрат, среде размена на сетилата, секој буден читател со суптилен увид и респект  во автентичното  и успешно сликање на емотивните тунели, како што тоа го прави нашиот  поет Дејан Крстески… “

ДЕЈАН КРСТЕСКИ дебитира на книжевната сцена со збирката раскази Поглед кон небото (2014). Збирката поезија Луѓе без лице (2015) е негово второ дело, со кое ја освојува наградата „Книжевен светилник“. По нив следуваат збирката раскази Чист хероин (2018) и збирката поезија Херои од хартија (2019). Романот Атласот на тајните (2021) е негово петто остварување.

Добитник е на бројни литературни награди и признанија, меѓу кои наградата за една од најчитаните книги во 2017 година од страна на Македоника и УНЕСКО за збирката Луѓе без лице. Песната Последната книга беше избрана за една од најуспешните творби по повод „Ден на читателот“ од страна на НУБ „Св. Климент Охридски“ – 2017. Тој е еден од финалистите на меѓународниот фестивал Литературни искри – 2019. На интернационалниот поетски фестивал „Мелнички вечери на поезијата 2020“ освоил прво место. Романот Атласот на тајните беше прогласен за еден од најдобрите дваесет романи на конкурсот за роман на годината „Славко Јаневски“ – 2022.

Ова е негова шеста книга, која во четврток идната недела (06.07.2023) ќе биде промовирана во Гостивар, а наесен во Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.