LICENTIA POETICA со Ивана Ѓукиќ – Сите тие песни, кај мене во една песна се слеваат

722

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Ивана Ѓукиќ е родена на 21.6.1984 во Подгорица, Црна Гора. По завршување на гимназијата и  по завршувањето настудиите на Факултетот за молекуларна биологија и физиологија во Белград, се запишува на Факултетот за црногорски јазик и книжевност во Цетиње. Добитничка е на голем број награди во рамките на Сцена за сите креативци (водена од Стојан Симиќ Крпица) во Нови Сад, учесничка  е во финалето на Меѓународниот книжевен фестивал во Нови Сад во категоријата слем поезија, на андерграунд сцената во СКЦ-Белград, „Поезин“-Милан Мијатовиќ. Во издание на Факултетот за црногорски јазик и книжевност објавена и е драмата „Светата мисија на Кирил и Методиј“, која е поставена на сцена во нејзина режија освен на Факултетот, претставена е и на манифестацијата „Његушко културно лето“, 2019. Авторка е и основач на дрмаско-кореографскиот центар „Кореографски центар 21“ за едукација и охрабрување на младите преку движење, танц, игра и збор. Работилници од овој центар повеќепати се реалзирани во Белград и во Охрид (во соработка со основните училишта „Климент Охридски“ и „Христо Узунов“). Нејзини песни и раскази објавувани се на порталот „Авлија“.

Учесник е на фестивалот на поезија за деца „Крилата сеошница“ 2019 во Рожаје, учествувала и неколку пати на „Ратковичеви вечери на поезијата“ во Бело поле, на интернационалниот поетски фестивал „Денови на Хасан Каимија“, 2019 во Зворник, во библиотеката „Искра“ во Кочани, во  2019 со свој осврт го претставувала творештвото на академик Сретен Вујовиќ по повод 40 години од неговото творештво, учесник на првата меѓународна книжевна средба во Петњица, 2019, „Епик Авда Медведовиќ“.

***

И кога ќе снема интернет конекција

кога веќе нема да можеш

да ме најдеш на google maps

а и тоа нема да биде важно

како и ништо друго

ќе те чекам

на оној сончев брег

каде што нема напред и нема назад

каде секое чекање вреди повеќе

отколку иднината и вчерашноста

каде само наталожените слоеви на умот

служат како доказ дека си постоел

некогаш во нешто….

Ќе те чекам и кога чекањето ќе престане….

Се надевам, нема да се лутиш…

Ќе ја обесмислам и лутината ако треба-

ако тоа води кон нешто

и ако патот сам по себе е цел.

 

Не се грижи,

нема да се сеќавам на ништо

јас не сакам да памтам…

Се сеќаваш како не учеа на училиште

кога бевме мали-

се што треба да знаеш пишува во историјата

освен ако ја нема

или ако не дај Боже е лажна!

Не се грижи,

нема да ги загинам клучевите

од оставата со хартивчиња

на кои се е запишано

за никого.

 

ЦИГАНКА

И знаеш што,

Јас сум Циганка

Но не онаа, онаа…

во метафорите.

 

Јас сум во Душата Циганка

Никаде не водат моите патишта

 

Моите мисли

Само одозгора се снимаат

 

И сè што не е дозволено

Го има во мојот речник

 

Сите тие песни

Кај мене во една  песна се слеваат

И знаеш што,

Еднаш ќе ти речам-

Прекрој ја таа судбина

Не ја мешај со главата

 

Ако на нешто имам право

Во овој ваков свет

Имам право на тоа.

 

НА ВРАТАТА ОД ПЕЧАТНИЦАТА

Нè пречека куче

тој 12.6.2019

со реден број 2026

на обетката на увото.

 

Нишајќи ја главата

од вчерашната болка

 

ги подаде шепите

скриени под утробата

 

шепи што би сакале

да се галат

да  повикуваат

засекогаш-

 

Чекор назад

Не го бележеше денот

Ниту календарот

Само сонот

Незнаен.

(Во Сараево, пред печатницата „Добра книга“)

 

Превод и препев  од црногорски на македонски јазик: Филип Димкоски

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.