ЕКСКЛУЗИВНО СО ЖИВКО ПОПОВСКИ ЦВЕТИН: Букетот со жолти цвеќиња во рацете на преубава млада девојка пред Дуомо, ја надополни магијата на моите цртежи!

758

Да се патува, и да се совладува хоризонтот во друштво на уметник е ретка прилика и задоволство. Двојно поголемо, доколку се патува со две уметнички души.

Ова е едно необично интервју што го правам, бидејќи дел од содржината сум и јас , а не само како авторка, затоа што бев дел од едно уметничко патешествие низ Италија-  импресивни беа моментите, од прв до последен момент.
*Патувачка изложба во Италија. Неодамна тоа беше Вашиот предизвик кои успешно го остваривте, или подобро да речам го остваривме, од 21 до 24 септември 2022 година. 
-Светскиот ден на Мирот 21 септември, наназад повеќе години го одбележувам со ликовни работилници во воз, заедно со ученици и наставници од Скопје кон Тетово, Гостивар, Кичево, кон Велес, Битола, кон Демир Капија и Гевгелија, кон Куманово и таканатаму, подарувајќи мои слики “Цвеќиња на мирот”. Исто така, овој ден повеќе години го одбележувам во основни училишта и во соработка со Сојузот на борците и невладини здруженија, поети, пријатели, соседи… Годинава, неочекувано, Светскиот ден на Мирот го чествувавме заедно со мојата ќерка Александра во Италија, и за јавноста ќе кажам вака- благодарение на новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго која нѐ покани заедно да отпатуваме на Светскиот саем за храна Тера Мадре што се одржуваше во Торино, движење на кое каде таа одамна е дел, и каде патуваше професионално, на големо задоволство. Нѐ покани затоа што јас сум агроном по професија и суштински ја познавам целата таа тематика, а воедно и затоа што сметаше дека мојата мисија треба да добие поширок облик, особено сега во постпандемскиот период кога се раздвиживме. Имено, уште ноќта по слетувањето во Милано започна одбележувањето на Светскиот ден на мирот со подарувањето на мироносни цвеќиња на екипажот (капетанот и неговиот помошник и на стјуардесите). Рано наутро пред тргнување за Торино, на аеродромот Малпенса во Милано, беа поставени мои слики меѓу кои и писмото од Света Мајка Тереза, добиено во 1984 година, каталог од изложбата “Цвеќе, мир, хуманост” одржана во Сан Ремо во септември 1995 година, фотографии со поетот Едуардо Сангвинети, писмото од претседателот Сандро Пертини, а одржав и ликовна работилница при што подарив слики на минувачи од разни меридијани- од Италија, Франција, Нигерија, Еквадор, Либија, Катар, Шпанија, Македонија… Необичен настан со многу убави моменти. На самиот аеродром од четиригодишниот Марко, Македонец, чиј татко е од Либија, и јас добив прекрасна слика изработена од него. Од сам почеток сѐ тргна во интернационална насока. Дури и неколку службени лица дојдоа да нѐ прашаат што е тоа, пред цртежите каде се собираат луѓе цела ноќ, и беа љубезни со нас.

*Која беше пораката на една ваква неформална изложба, која на интересен начин ги вклучуваше местата кои ги посетувавме- на улица, во метроа, автобуси, кафулиња, станици, такси, продавници, хотели, ресторани, катедрали …?
-Пораката е “Мир!”, секаде и секогаш. Затоа и тоа не беа официјални изложби, туку замислени и спонтани средби кои допреа до луѓето на сите места кои ги посетивме, и каде се одвива животот. Секаде има потреба од мир, од најмал до најголем простор. Луѓето пријатно се насмевнуваа кога ќе им кажевме за што е подарениот цртеж со цвеќиња.

*Подарувањето на Ваши цртежи меѓудругото продолжи и два важни светски настани, како светскиот саем на храната “Тера Мадре Слоу фуд” во Торино и Светската модна недела во Милано, Дуомо, всушност на тие две места беше насочено светското внимание во тие денови.

-На отворањето на Светскиот саем на храна Тера Мадре, во Торино, заедно со мојата ќерка Александра ги посетивме сите штандови, а го посетивме и македонскиот штанд и таму изложивме мироносни цвеќиња и две нејзини слики- една масло на хамер со едно јаболко и сад за вода и друга слика графика со мотив “око”. Таа е многу талентирана но не сака да излегува во јавност. Ова беше специјален момент. Имав и ликовна цветна работилница каде ѝм подарував на македонските учесници на Саемот- сточари, пчелари, учесници од прехранбена индустрија како и на дегустатори на македонско бело сирење и други производи, мироцветна минијатура и една поголема слка А/4 формат за Црвениот крст на Торино. Цвеќиња подарив и на повеќе учесници при обиколката и разгледувањето на Саемот. На Саемот имавме срдечна средба со две активистки на Италијанскиот Црвен крст за Торино при што ѝм подарив по една слика. Јас порано бев Претсетадел на Црвениот крст на Македонија, а во една прилика заедно со другите европски претседатели имавме прием кај кралицата Елизабета Втора во Британија.

* Дуомо беше најинтересен момент од оваа динамична изложба…

-Најинтересно беше на катедралата ДУОМО каде изложив десет слики и подарив повеќе мироносни цвеќиња на случајни минувачи, а и стекнав нови познанства, како со едни убави луѓе од Риека кои живеат во Италија, една 88 годишна посебно витална госпоѓа, и други луѓе пристигнати од сиот свет за Модната недела во Милано. Тука ја запознавме и брачната двојка од Катар, една посебно шармантна наставничка, која дури ме поканија да изложам кај претседателот на Катар и понуди да ми даде директен број да се јавам и да закажам. Најсреќна беше мојата ќерка Александра која е голем љубител во модата, се одушеви на целиот светски моден ВИП и џетсет свет кој парадираше околу нас, а таа со нејзиниот прекрасен глас потпевнуваше италјански музички нумери а тие се вртеа и аплаудираа. Сите тројца, се одушевувавме од настапот на модната група од светски модели од разни генерации облечени во бело, на отворањето на Модната Недела. Во таа магична атмосфера пред најпознатиот храм на уметноста, катедралата Дуомо немав намера да ги изложам цртежите, сѐ додека, во целата таа пријатна мешаница, не почувствувавме толку пријатна енергија што нѝ го повлече погледот. Се свртивме и забележавме млада преубава девојка со преубав букет големи жолти цвеќиња како се фотографира кај Дуомо, а замислете во сиот тој гламур и екстраваганција погледот на сите беше вперен во цвеќињата. Моќта на цветот си го направи своето. Тогаш, од торбата и јас извадив неколку цртежи, ги поставив пред Дуомо и до бината која ја подготвуваа за почеток на дефилето, и половина час имав своја изложба која ја гледаа присутните минувачи и се фотографираа со неа.

*Посебно допадлив беше делот на изложбите што за прв пат во нив внесовте цртежи од Вашата ќерка Александра Попоска, која се вклучи и Вѐ придружуваше овој пат. Зошто тоа и претходно не го имавте сторено?

-Александра бара перфекција во сѐ и поради скромност не сака многу да се експонира во јавноста иако има исклучителен талент во музиката со широк дијапазон на гласот и смисла за формите и колоритот во сликарството. Но, по фантастичните случки во Милано и Торино се премислува и можно е наскоро да направи посмели чекори во уметноста. Јас сум благодарен што нејзини перформанси на моите изложувања беа музички изведби, на кои минувачите се вртеа и ја снимаа со камерите на своите мобилни телефони.

*Успешно и необично прославување на денот на Мирот. Во меѓувреме сте во очекување на резултати од две значајни награди, на домашно ниво “13 ноемвриска награда на Град Скопје”, а на светско ниво- “Нобеловата награда за Мир”. Очекувате дека ќе завршат во Ваши раце?
-Наградите се само надоградување на мојата мисија. Тие како идеи и предлози повеќе потекнуваат од мои почитувачи, професори, новинари, академици, амбасадори, пријатели. Секогаш се добредојдени, но и со нив и без нив, мисијата мора да продолжи и ме радува што кон неа од ден на ден се приклучуваат сѐ повеќе истомисленици. Мирот, сам по себе, ќе е најголема награда што може да се оствари. Во контект на ова, морам да споменам дека покрај споменатите случувања, преку госпоѓа Соња Панева моја слика од серијата “Цвеќе на мирот”, нашиот премиер Димитар Ковачевски неодамна во Њујорк му подари на Претседателот на Обединетите нации Антонио Гутереш, со што “Цвеќето на мирот” стигна во вистински раце.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.