ОД МОЈ АГОЛ: Хармоничната мелодија на Филхармонијата од Хамбург!

64
Ајде малку да прошетаме до Хамбург. Имаме повод, овој пат. Да прошетаме до нивната нова филхармонија, која се смета за архитектонско и наменско чудо, од трите страни во вода, а од четврттата на копно, која, ми рекоа, не била направена со директна намера да ја засени со најпознатата Опера хаус во Сиднеј, но била направена со намера да го одушеви светот и на преубавата германска метропола да ѝ даде уште една голема препознатливост, украс и убавина.
За малку ќе ја видев на самото отворање, бидејќи по некои канали и бев поканета од извесни пријатели од Германија, но како што е времето и ситуацијата јас се радувам кога имам услови (средства) да можам да отидам и во нашата Филхармонија, со која некогаш немав пријатни, а потоа имам многу позитивни искуства.
Да се вратиме во Хамбург. Таа зграда беше објавено дека вреди 866 милиони евра, но она што ме одушеви е фактот што мојот доброупатен пријател, значаен лик од Германија, ми кажа дека ваквото грандиозно архитектонско чудо на денешницата, од моментот кога било направено сѐ до пресметката до самиот крај неколку пати ги зголемувало и надминувало трошоците, кои моќната Германија требала да ги даде за да се дозаврши.
И што се случува тогаш?! Според неговите кажувања, премиерката Ангела Меркел рекла: “Не, немаме вишок пари од државната каса за оваа градба, знам дека треба да се доврши, но доволно дадовме. Сега има две опции, или да остане не(до)завршена или моќниците и богаташите од Хамбург сами да ја соберат сумата која е потребна и да се горди што во својот град го имаат ова чудо”.
Без никаква галама, дури и сосема непознато за јавност (можеби ова и прв пат се објавува како податок) моќниците на Хамбург за многу кратко време од свој џеб ги дале потребните пари, и никој не дозна ни кои се тие, ни колку дале. А и сѐ не мора да се дознае кога станува збор за национално добро. Штом е работата завршена, тие се анонимни но блескави донатори и мецени на уметноста, како и достојни граѓани и соседи на секој кој живее во Хамбург. А и пошироко.
Сега и јас така ги чуствувам. И јас, ги почитувам бескрајно, иако верувајте имав и авио билет но не ја реализирав таа посета,  што не значи дека прва следнам прилика нема да одам.
Сакам да го објектот кој толку чини и толку тивко е направен, а самиот значи светилник на современата и класичната уметност. Гореспонатите факти за мене се свети, затоа што: инаку би била само една голема зграда во која се свири музика, како секаде на друго место.
Далеку е Хамбург, далеку се и 800 и плус милиони, но блиску  да се слушне таа прекрасна мелодија на Филхармонијата полна со хармонија, а и да се слушне примерот кој треба да нѝ укаже на некои други нешта.
Малку пред тоа, или тука некаде, ние се израдувавме што конечно по толку години и децении изградивме наша Филхармонија која чини, според првичната проценка 55 милиони евра (податок од интернет), што ќе рече 15 пати помалку од хамбуршката, не е на вода, не е архитектонско чудо, но е за нас значајна што како институција е првата формирана културно- музичка установа по Втората светска војната, некогашната “Македонска Филхармонија”, и што конечно доби свој храм.
Со тоа беше задоволена една голема правда. За наши услови баснословно, но, носеше редот.
Во меѓувреме, во периодот од отворањето на истата до сега, се затвори најубавата и најфункционална сала- Универзална, на која бевме навикнати сите, и во која ја остававме својата душа секогаш одново, нешто што беше дом на секој кој најмалку еднаш влегол таму. Таа сѐ уште, за жал, не е реновирана и е оставена на забот на времето и на забот на судбината, а дека постои нѐ потсетуваат повремени недолично расправии и препукувања на властите.
Можеби и сета таа споредба со новата сала на Филхармонија, што јас ја правам несвесно во себе, сѐ уште ми дава лична причина да имам отпор, да не ми се бендисува, да наоѓам маани, и долго време од нејзиното отворање, воопшто да не влезам во неа.
Имаше и други два клучни други моменти- тоа што прв пат кога отидов да побарам акредитација за професионално следење на Филхармонија за потребите за известување на дијаспората, грубата и надмена секретарка не ми го овозможи тоа, а истата таа по неколку години и ми нанесе голема штета по однос на моето здравје и физичка кондиција.
Беше врнежлива зимска ноќ, во која паѓаше те снег те дожд, но најавата по медиумите дека вечерта ќе има концерт посветен на маестро Ѓумар (уметникот со кого се запознавме уште на самиот почеток на мојата кариера на “Охридско лето”, и кој ме освојуваше со својот екстравагантен дух), беше посилна од мојата кревка зимска здравствена состојба, и тргнав од чест.
Отидов, застанав во редот за влегување во Дом на АРМ (прекрасен, но крајно запуштен објект со недостојни услови), разговарав со младиот пријател гитарист кој дошол со букет да ѝ честита настап на својата девојка, и кога тргнав со сите да влезам во салата, истата од погоре секретарка, грубо ме праша: “Каде?”
-“На концерт”, ѝ велам. “
А билет?”.
-“Зар треба? Тие пред мене не покажаа, а никаде во медиумите не пишуваше дека се плаќа, само дека концертот е посветен, навистина не знаев. Добро сега ќе извадам билет”.
-“Тие се наши гости, студенти, а билет се подразбира”, ми одговори, ѝ додаде, дека морам да побрзам, зашто концертот наскоро почнува, а ако доцна нема да влезам.
Во холот на билетарката ѝ ја поддадов мојата картичка, но рече дека не може со картичка, мора со пари, и јас во тој момент излегов, и брзајќи кон првиот банкомат, кај спомен куќата на Мајка Тереза, во темнината така се зализгав на самата лапавица, се завртев неколку пати и само чудо ме спаси да не дојде до страшен пад. Паднав, едвај станав, десниот колк ме болеше со години и имаше периоди кога навечер не можев да се наместам да спијам и заспивав со солзи.
Сето тоа, мое лично искуство, ме одврати од следењето на настаните на Филхармонија, и не ни помислував, ниту  работев на тоа да го надминам мојот психолошки страв од нашата Филхармонија. Ми создаваше болка.
Нештата, сами од себе се променија кога во новиот објект на Филхармонија забележав нова радост, циркулирање на млада свежа енергија, многу фини музичари и модерен репертоар, кој навистина е за големо браво. Згора на тоа таму веќе имам и мои колешки, соработнички, пријателки, ПР со која се разбираме, и сѐ е како подмачкано. Заборавив и на колкот и на од минатото,  уживав во доста концерти, пишува најави, понекогаш и за атмосферата, иако повремено не ми беа јасни одредени соработка на Филхармонијата со одредени пејачи (Лондонската Филхармонија на пример има музицирано само со Роберт Плант, Џими Пејџ и сосема малку светски славни легенди), но за наши услови и ова што се нуди го прифаќам како нешто што е добро. Првенствено, да се даде шанса на младите, да се исполнуваат нивните желби и амбиции е повредно од секоја потрошена сума и од секоја сала. Всушност тоа е и целта.
Сѐ до минатата недела кога од нигде никаде фуриозно изби проблем, во кој ја инволвираа целата јавност.
Имено, Министерството за култура го верифицира постоењето на новиот “Оркестар за џез музика” и најави дека привремено ќе биде сметнено во објектот на Филхармонија, на нивно барање, оние кои и досега работеа таму.
Набрзо потоа следуваше шок- од една страна Филхармоничарите потпишаа петиција никој да не смее да ѝм влезе во “нивниот” дом, од друга, појаснувањето е дека и оваа сала е тесна. Куп прашања се појавија во истиот момент- Зграда од три ката, која ја чекале со децении, е веќе тесна и не прибира стотина луѓе?! А, на пример, само првиот кат е сосема слободен и таму може да се изведе некоја нова архитектонска изведба и  тој простор да се искористи.
Понатаму, Филхармоничарите не верувале дека новиот Оркестар ќе остане привремено туку ќе го запоседне просторот засекогаш. А со тек на време можно е нов да ги истиснат и избркаат. (Зар јавноста би дозволила тоа ?)
И третото, и можеби најчудно е што го прогласија домот за свој, а секој кој мислеше поинаку одредени членови на социјалните мрежи грубо му се нафрлаа, па дури и со клетви, и го квалификуваа со негативни квалификации.
Да не зборувам за какви се приредби кои не доликуваат да се најдат таму бил изнајмуван просторот, на кој треба многу да се внимава.
Шокирани бевме сите , па и јас.
Секако дека ќе се обидам да најдам разбирање и за нивната непотребна паника. Но сепак тоа нема да го помати мојот став.
А тој е:  џезот можеби не мора да е сместен таму, имаме прекрасни објекти кои чекаат да бидат ставени во функција, а тие покажаа дека одлично се снаоѓаат и на свечени и на алтернативни сцени.
“Филхармонија” (никако!) не смее да има таков уценувачки однос кон одлуките на државата и да има таков однос кон објектот кој е општествено добро, а најмалку од сѐ треба да има таков однос кон својата публика.
Особено не сега, кога последниве години истата таа филхармонија направи извонредни концерт со џезерите, кои сите нас кои не сме оделе од свои причини или немање интерес, нѐ смести пред себе во своите редови за публика.
Проблем, кој на нивниот уметнички статус,  требаше да биде изведен и решен во дискреција, со тивок тој и или можеби и интерен договор или наоѓање алтернатива (договор меѓу двете страни зад затворени врати и подалеку од очите на јавноста), а го направија  општонароден проблем, предмет на омаловажувањ, бркање и дискриминирање на луѓе, расправање на ниво како да ѝм зеле тезга за зеленчук на пазар, а не само како да посакале да го делат просторот, зашто и друга репрезентативна сала и немаме, а тие се амбициозни за освојување на светски музички врвови .
Во новиот џез оркестар, она што е посебно вредно и не смее никој да го сквернави, е присуството на врвни и атрактивни маестра од една страна, и десет пати над тоа присуството на толку прекрасни и едуцирани млади музичари, кои не ја искористиле својата универзална можност со џезот да пребегнаат на било која страна од светот и да заработуваат баснословно, туку се вратиле или останале на родното огниште за да од проблемите создадат шанси и можности. Се вложиле себе си, не само својот талент и својот инструмент.
Е ако тоа не може и не сака да се види и почитува, тогаш културната фела и културните институции треба да се преиспитаат себе си во овој префикс. Затоа што, јас како публика знам нека нема да стапнам таму сѐ додека салата се дава како можност на секакви строго профитерски  концерти и претстави од надвор, а не на нашите млади креативци и наша музичка гордост која сите нѐ воздигнува.
А доколку ова се испочитува, прекрасната мелодија од Филхармонија ќе стане и моја химна. Која секогаш ќе биде мотив кој ќе ме  поканува да сум таму во прв ред и френетично  да аплаудирам, како занесена… зашто, тие се, други немаме.
Валентина Ѓоргиевска Парго
Новинар и уредник во КулАрт
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.