Последниот лист гитарист од Даниела Петровска -листот ѝ пркоси на ефемерната смрт-

44

На 27.12.2023 г. во 12.00 часот во Малата сала на Центарот за култура – Битола се одржа промоција на книгата за деца и млади Последниот лист гитарист од Даниела Петровска.  Даниела Петровска е автор на една книга книга за возрасни Магијата на магискиот реализам, а ова е прво нејзино дело за деца. М-р Даиела Петровска е и активен колумнист на порталот АПЛА.мк, есеист и книжевен критичар.

Низ страниците на оваа книга, се трага по етичките премиси на ликовите што ја детерминираат иницијацијата на детето.  Тоа се ликовите на мајката и таткото како двигатели на развојните фази на детето.  Во нив е сугерирана заштитничката улога на родителот кон детето, неговата саможртва кога мигот одлучува кој ќе остане жив пред пушката на ловецот (мајката или детето).  „На тој начин,  детето се соочува со проблемски ситуации кои јасно укажуваат дека смртта може секогаш секому да му се случи.  Тенденцијата е да се најде мотив за живот секогаш кога се чини дека тој е убиен од несреќните околности. Мотивот за продолжување на животот го носи детето кон емоционална зрелост, насушно потребна за надминување на трагичните околности во кои тоа се нашло.  Книгата е поделена на прозни и поетски текстови кои се распоредени во неколку циклуси.

Некои од текстовите може да се рече дека се инспирирани од познатите ликови во литературата за деца , па така, ликови не се само човечките суштества туку и животните. На тој начин, тие текстови стануваат и бајковити и баснолики. Напишани се со нагласени фонетски изразни средства, особено во рима која му дава милозвучност и мелодичност на исказот.

Општата цел на сите текстови е во својот  конотативен дискурс да ја дадат оптимистичката визија за животот и да го сугерираат мотивот за успех, за дејстување и за креирање позитивен исход од проблемските ситуации токму тогаш кога се чини дека светот „пропаднал“ само за еден човек (дете).“ – вели авторката Петровска

Промоторката на книгата, д-р Анита Ангелевска, вели: „ … децата се најкревкиот, најсуптилниот реципиент. Оттаму како прва и неизбежна се наметнува обврската дека текстовите кои припаѓаат на овој корпус, првенствено треба да имаат поучителна, наравоучителна функција –  односно мора да бидат лекција и водителка за животот. Авторката Даниела Петровска, ова го премостува на скоро перфектен начин, потпирајќи се на својата безмалку тридецениска поучувачка улога, како професорка по предметот Македонски јазик и литература во познатата битолска „Горна гимназија.

Петровска и нејзиниот книжевен израз се вистински придонес во не многу богатата, за жал, книжевност за деца. Таа, како опитен книжевник, вешто се ползува со интертекстуалноста, поврзувајќи ги веќе познатите места во книжевните текстови со нови дискурси и нови значења, градејќи релации кои на ниво на прецизно кодирани пораки треба да го просветлат адресантот ученик, но и да им ја откријат тајната на преосвештението (просветлувањето) на учителите, за да можат тие натаму да ја пренесуваат.

До пораката, до трансферирањето на големата идеја се стигнува и шетајќи по Широк сокак, и газејќи по плочките во Хераклеја, преку секојдневните навремени легнувања и подготовки за на училиште, одејќи по снегот, гледајќи во езерото, но и преку бајката – која функционира како една од најслоевитите книжевни форми, со многу експлицитни, но и скриени пораки и сугерирани уверувања.“

М-р Симона Петровска, исто така рецензент на книгата, истакнува: Поделена на повеќе тематски делови во проза: Во јавето и сонот, мислата создава свет и поезија: Кралеви и кралици на следните страници, збогатени со впечатливи, оригинални и проникливи илустрации на младата уметница Емилија Атанасовска, оваа книга е книга – живот низ неговите брановидни и мирни води.  Помеѓу бајковитото и реалистичното, помеѓу сонот и јавето, помеѓу среќното и таговното, се раѓа оваа книга на уката и поуката, на вистинските вредности и нивното имплементирање во еден особено специфичен наратив.  Малечкото дете, поголемото дете, тинејџерот и возрасната личност, сонувачот и реалистот се прелеваат во приказните и песните како една целост, како деловите на макрокосмосот или на мозаикот.

Во игривиот тон на Последниот лист  гитарист, писателката ќе му понуди на читателот прекрасно искуство на мигновени и досетливи слики, кои потоа симболично и метафорички може да навлезат во свеста на детето како игра, како сон, како забава, во исто време со моќни емотивни секвенци – ем на тажно – ем на среќно.“

Последниот трет рецензент; Биљана Димко, за книгата истакна:

„Книгата Последниот лист гитарист ме врати во моето детство кога најмногу читав и впивав, па така запловив низ лавиринтите на сеќавањата. Ми се разбудија мноштво мириси и гласови кои ме потсетија колку е битно човек почесто да си се навраќа на детските дни за постамено да ги издржи возрасните дела и размисли кои не секогаш ја имаат онаа моја детска широчина, без предрасуди, без стравови, без мрачни чувства кои го повредуваат човековото срце, а тоа потем плаче.

М-р Даниела Петровска според теркот  на старите мајстори, има исткаено оригинална литератира за деца и млади, без рок на траење. А ова го пишувам одговорно, бидејќи секој збор во книгата има вистинско место, како мозаиците на Хераклеја, римите се смислени толку добро, што скренуваат интерес кај читателот. На пример, јас посакав да има уште…бидејќи читајќи најдов современ македонски јазик, без грешка, а тоа денес е работа многу тешка.

Знаете ли колку голем предизвик е да се мотивираат децата функционално да размислуваат?  Многу е тешко. Настрана од тоа, авторката е во дослух со светот на децата и младите, претпоставувам дека е одличен слушател. Таа ги сфаќа детските маки на растење, ги претвора во игра, па така јунаците кои скршнале од вистинскиот пат, ги враќа, мудро ги советува, а во меѓувреме читателот неусетно се воспитува за да биде умно дете.“

 Последниот лист гитарист стилски и тематски ќе го заджржи вниманието и на детето и на возрасниот.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.