“Нема да биде крај на светот“ на Скопско лето

6

 Скопје, 21 јуни

Вечерва  почнува Скопско лето, со концерт во Моб, а утре, 22.06.2022 (среда) ќе се одржи театарска претстава со наслов „Нема да биде крај на светот“ на мала сцена на МНТ со почеток во 20:30 часот.

КРАЈ НА СВЕТОВИ

Таа 2018 – та година кога текстот  „Нема да биде крај на светот“ се создаваше паралелно со истоимената претстава во Народниот театар — Мостар, живеевме во еден сосема поинаков свет. Можеби не сосема поинаков, но нам барем ни беше познат, обременет со проблемите наследувани низ генерациите, со кои помалку или повеќе се имавме навикнато да живееме, секојдневно да ги поднесуваме или да ги игнорираме. Денес тој свет го нарекуваме нормален, иако малку од него тогаш можеше да се окарактеризира така. Меѓутоа, со оглед на промената која светот ја доживеа во изминатата година и пол на макроплан, логично е она од претходно да ни се чини како нормално. И тоа токму затоа што светот е погоден од глобален проблем. Инаку, пандемијата да ги нема тие размери, и понатаму би го доживувале овој свет различно, секој од своја перспектива – некој како нормален, а некој како крајно нарушен и ненормален. Показател дека ниту една несреќа не иде сама, е сѐ поголемиот број на катастрофални природни непогоди – пожари, поплави, урагани, земјотреси… Се чини дека планетата се разбудила и дека на човештвото му враќа за сета негова ароганција и себичност. Флоскулата „крај на светот“ никогаш не била позастапена, како во медиумите така и во секојдневните, обични разговори. Стравот од генералното пропаѓање на планетата како да ги направи неважни сите оние мали, индивидуални „краеви на светови“.

Оваа драма и оваа претстава се занимаваат токму со тоа – рушењето на интимните светови. Сите три лика од оваа драма под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да да му излезат во пресрет… Собрани под покривот на куќата во која се случил распадот на нивниот заеднички, семеен свет, тие своите индивидуални кршења си ги откриваат едни на други. Поточно, Маша и Нина се соочуваат, низ многу болка и со меѓусебни обвинувања и гнев, додека таткото поради тешката болест е емотивно и ментално исклучен од реалноста  – неговиот свет е искршен и така во ситни делчиња потопен во сосема друг вид реалност, над која тој (ниту кој било друг) нема никаква контрола. Како преживеани по апокалипса. Маша и Нина бараат начин да излезат од урнатините на стариот свет и на неговите темели да изградат свој – нов свет. За да го направат тоа ќе мораат да се потсетат, да се соочат и да се помират со сето она што бил нивниот стар свет. Во тој процес и едната и другата ќе си ја „одерат кожата“, ќе се соголат. Понекогаш, единствена утеха што ни останува е тоа дека човекот/жената е во состојба да поднесе повеќе отколку што мисли дека може. Нина и Маша ни ја покажуваат токму тој вид снага, да се издржи, но и да се оди понатаму.

Таа 2018 – та година кога се создаваше текстот, крајот на светот го препознавав на секој чекор – додека шетам по улица, седам во кафеана или парк, се возам во автобус или воз, додека еуфорично скокам на концерт, танцувам во клуб или просто додека стојам и набљудувам. Крајот на светот ми се чинеше како постојан процес што оди паралелно со изградбата и напредокот. Секој од нас носи некој свој „крај“. И тој не е ни малку поневажен од општиот крај на светот. А историјата нѐ учи – светот секогаш ќе постои во некаков облик, со или без нас. И затоа, додека сѐ уште можеме, да зборуваме повеќе за нас – за нашата сила, онаа индивидуалната, но и за потребата од другите со цел да се изгради некој нов, појак, интимен свет во кој нема да ни биде страв да зборуваме за кршењата. Тие се тука за да ни дадат сила секогаш да почнуваме од почеток.

Аднан Лугониќ – автор

На 23.06.2022 (четврток) ќе се одржи театарска претстава со наслов „Торонто Експрес“ на мала сцена на МНТ со почеток во 20:30 часот.

„Торонто експрес” е агенција за помош при емиграција во Канада. Целта на работењето е да се врбуваат сите Македонци со што колективно би се иселиле во ветената земја.

Агенцијата е раководена од генералниот директор Јордан Симонов, кој е светски признат експерт во убедување како да го напуштите родното огниште и да заминете во белиот свет.

Програмата и презентацијата се подготвени од  Зоран Спасов Sоф, претседател на одборот на македонското комјунити.

Во замена за оправдано отсутниот презентер Митре Стрелата, оваа мисија во последен момент му е доделена на Александар Микиќ – презентер без грам искуство.

Во подготовка на прекуокеанскиот ивент активно учествуваа и проект-менаџерот Виктор Рубен, коментаторот Благоја Бошковски и ПР-експертот Деспина Тодоровска.

Од македонска страна непроценлив придонес дадоа Рале (сопственик на продолжен кабел), Мартин (гуру за Пауерпоинт), како и една плавуша за која никој не знаеше што работи.

И покрај тоа што целата екипа наликува на дружината на Алан Форд, сепак работи рентабилно и постигнува огромен успех.

На 24.06.2022 (петок) ќе се одржи театарска претстава со наслов „Последната лента на Крап“ на мала сцена на МНТ со почеток во 20 часот.

“Последната лента на Крап“ е едно силно ефективно театарско уметничко дело, во кое актерот, пред сè, потоа и режисер и продуцент, Ѓорѓи Јолевски ни покажува кои се вистинските вредности на театарот и дека за тоа ви треба само еден човек што игра и еден што гледа. Сè друго е тишина.

Следете на социјалните мрежи:

„Facebook“: www.facebook.com/skopskoleto.skopje

„Instagram“: www.instagram.com/skopskoleto

„Twitter“: www.twitter.com/skopskoleto

Веб-страна: https://skopskoleto.mk

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.