Со почит кон делото на професорката и писателка ЛЕНКА ПОПОСКА- ГОГОСКА

141

Скопје, 17.04.2024

Минатата недела во Скопје почина почитуваната професорка Ленка Попоска-Гогоска, (1 февруари 1940, с. Битуше)- македонска писателка, магистер по педагошки науки и професор, една од жените – доајени на македонското образование, видна професорка воедно и педагог, но освен големата трага во педагогијата и во образованието и литературата, остава трага и како писателка.

Професорка Ленка Попоска- Гогоска е родена во село Битуше, тогашна Дебарска околија, како последно дете во многудетното семејство на учителот Исаија Попоски. На 12 годишна возраст, се преселила во Скопје каде завршила основно и средно образование, Учителска школа. Потоа била распределена да биде учителка во селото Пожаране, Гостиварско. Со учителствување продолжила во родното село, а потоа и во Гостивар. Дипломирала на Педагошката Академија и Педагошкиот факултет во Скопје, каде продолжила со работа.
Во текот на својата плодна кариера била вработена како советник во Меѓуопштинскиот завод за образование на Скопје, потоа и советник во Министерство за образование за учебници во еден период, професор на Педагошкиот факултет,  за предмети педагогија и дидактика, каде го дочека пензионирањето.

Авторка е 50-тина книги од кои 30 стручна литература, книги од област на педагогијата, меѓу кои учебниците „Педагогија“ и „Дидактика“, како и 20 тина книги уметничка литература. По пензионирање почнува да работи со издавачка дејност  и го формира “Книгоиздателство Ѕвезда”, и освен што објавува книги, збирки раскази и поезија, преведува и дела од српски и хрватски јазик (“Петкана “ , “Умирање на љубовта“…. )

Најпознати дела ѝ се трилогијата на романот “Клуч” и романот “Повеќе од мајка”.

Да ги споменеме и книгите белетристика кои Ленка Попоска- Гогоска ги има издадено:

“Клуч- трилогија”
“Љубов во пајажина”- роман
“ЕР- ха негатив” – роман
“Нерамнини”- поезија
“Повеќе од мајка”- роман
“Шапат истине”- роман на српски јазик

***

Нејзините две желби беа сите учебници што ги има создадено да се поделат низ македонските училишта во светот, и за ученици и за наставници и остави 16 напишани нови дела, и 17-тото како недовршен роман, кој го пишуваше до безмалку последниот ден на овоземенскиот свет.
Остави голема трага која семејството ќе ја негува и уште многу генерации ќе се описменуваат, учат и ќе има што да прочитаат.

Ленка ја сакаше и музиката и сликарството, го сакаше животот, но најмногу од сѐ си ги сакаше децата, внуците и правнуците, кои ја наследија во успешноста и угледот и беше благодарна што ги дочека. Семејството со гордост го носи споменот на Ленка, која меѓудругото е ќерка на Исаија Попоски, лик од историјата на македонскиот народ.
Бил нарекуван Големиот Учител од Битуше, тој се школувал во Софија, на Богословското училиште, а потоа и во Белград, без нечија поддршка, со големи самооткажувања, се запишува на Големата учителска школа, во најкраток рок ја завршува, стекнувајќи се со дипломата учител. Исаија Поповски е првиот учител кој во селото Велебрдо и ги отвора првите одделенија за описменување девојки. Откако го создал многудетното семејство со својата сопруга Петра, учителствувал со многу љубов и желба за знаења во селото Рудиње – Пиротско во Србија, од каде што дошол во Скопје и учителствувал од 1937 година до 1944 година, во Радишани, Скопско.
Ленка е наследничка на својот татко во сферата на образованието, а во таа сфера почитуван беше професор по историја и одбрана беше нејзиниот сопруг Алимпие Гогоски, кој пензионирањето го дочека како началник на Одделението за народна одбрана на општина Гази Баба.

***

Во творештвото најпозната стана со нејзиниот роман трилогијата “Клуч” која во 2010 година беше прогласена за најчитана книга во библиотеките низ Македонија.

Предговор на романот “Клуч”:
“Клучот секогаш нешто отвора. Кога човек во своите раце во вистинско време и место би го имал клучот што ги отвара вратите на виситната, среќата, пријатноста, убавоста и успехот, никогаш не би ги направил грешките што можат да го остават без радост, среќа и надеж. Одбирајќи меѓу многу клучеви, мислејќи дека го дофатил вистинскиот, човек со крената глава тргнува да ги отвара вратите на животот, а кога ќе види дека зад нив не е тоа што го барал, вчудовиден и очаен ќе сфати дека веќе не може да се врати и да земе друг. Или, можеби може!…”

***
Во творештвото на Попоска- Гогоска е и збирката поезија за деца “Бели насмевки“ посветена на растењето на двата внука на Ленка, на кои им го посвети секој миг и ден што и беше даден од Бога. Затоа и токму оваа збирка поезија за деца ја посвети за најбелите насмевки на внуците Еленче и Томи.
Традицијата на продолжи една од нејзините две ќерки, Татјана Гогоска, познатата уредничка на Редакцијата за детска програма на МРТВ, која оствари многу славни детски забавни и едукативни емисии и серијали, театарски претстави за деца, а се докажа и во областа на публицистиката за деца.

Старосната болест ја прекина нашата неодамнешна идеја за големо интервју каква што заслужуваше оваа легендарна и почитувана македонска професорка и писателка, Ленка Попоска- Гогоска, но наместо нереализираното интервју, за нашите читатели и за плејадата ученици кои ги има учено, издвојуваме две извонредни песни.

Нека ѝ е вечен споменот и почитта за Големата Ленка од Битуше!

***

ГУЛАБОТ ИСТРАА ВО БОЛКАТА

Беше роден да истрајува
И затоа не им се плашеше на
Накрнатите јастреби.

Беше дал завет да истрајува
И кога крнците ќе се накрнат
За да му го искорнат срцето.

Болката врескаше да истрајува
Зашто само со неа се извишуваше
Во непрекинат лет над облаците.

Беше се решил да истрајува со надеж
Зошто без неа животот
Во бесмислено талкање ќе се извлече.

Да истрајува макар
И низ тиња да чекори
Замислувајќи ги најбистрите вирови во кои тоне

Ленка, ноември 2010

***

ОСВЕТУВАЊЕ
Крчин (Битуше) 19 август, 1991

На олтарски камен од стара
Нова црквичка
Желбено изградена
Срамежливо подадена.

Името го чува
Свети преображение
Деветнаесетти абгуст
Се осветува
Псалмата исусова тече
Свеќите пламенчиња тивки
Икони пресни
Неосеменост
Трепкаат кандила маслени
Се протнува молбен шепот
Во стеснетост
Било и да биде

Планината грми
Ехо на тапан
Писок на зурла
Се бранува до врвот
Дивината спитомува
Вреди педесетгодишното чекање
Преображение трпеливо.

Со почит, од уредништвото на порталот КулАрт и уредничката Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.