Андреа е ТОП во Торино!

20


6 мај 2022

Денеска помина и втората техничка проба на нашата претставничка Андреа Коевска, и таа и екипата се чувствуваат мошне убаво и самоуверено во пресрет на својот евровизиски настап. Во прилог на троа одат и коментарите што ги добива, за својата силна вокална интерпретација на сцена, со двете придружничка Рената и Ана.
Според нашите директни информации, во екипата владее голема хармонија и разбирање, годинава нема никакви персонални проблеми, какви што понекогаш и се случувале во минатото, за сѐ се консултираат спонтано и со разбирање.
Од убавините на Торино малку разгледале, од втори мај кога отидоа досега, со оглед на тоа дека сиве денови врнело, но имаат уште време пред себе. А бидејќи и годинава е сѐ уште еден вид полабаво карантинско издание, ги нема оние препознатливи меѓуделегациски дружби, но затоа пред нив е гламурозната журка на Синиот тепих на 8 мај која ќе им внесе доволна возбуда и адреналин .
Нашата екипа ќе чекори како 16-та, меѓу 40-те делегации. Главната забава за добредојде ќе се случува во Реџиа ди Венариа, надвор од Торино, и ќе почне од 16 часот па сѐ до доцните часови.

Инаку, денеска заврши седмиот евровизиски ден. Сите полуфиналисти од 10 и 12 мај одржаа по две технички проби, а утре во 10 часот претпладне почнува првата техничка проба преставниците на големата петторка Франција, Италија, Велика Британија, Шпанија и Германија.
Годинава актуелно е што дел од случувањата таму може да се следат преку социјалната мрежа тик ток.
Андреа настапува во второто полуфинале на 12 мај, единаесеттата по ред, со песната Circles. За изгледот на трите девојки на сцена ќе се погрижи Славица Цаци Паковска. Коментирањето за време на преносот во живо на МТВ 1, од студио ќе го врши Ели Танасковска.
И, композиторот на песната, Александар Масевски е во Торино, а делегацијата ја предводи Мери Попова, уредничка на Музичко забавната редакција во Македонска телевизија.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.